АНБ ќе има нов шеф, Димовски утре ќе реферира на влада за Онишченко

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека очекува најверојатно утре на владина седница директорот на АНБ Виктор Димовски да даде извештај на затворена седница на Влада и оти мора да се утврди одговорност за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец, Олександер Онишченко.

-Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Меѓутоа и вие самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации со оглед на казнивоста на давање такви информации од затворена седница на Влада, рече Ковачевски на новинарско прашање по отварањето на градинка во Чучер Сандево и потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.

Додаде дека одговорност за случајот мора да има и оти тоа е работа на анализата, односно истрагата која што таму треба да биде спроведена, која веќе и се спроведува и информира дека наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција.

-Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност. Да, ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и кој ќе треба исто така да ги помине и филтрите  на институциите на стратешките партнери, бидејќи да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО, имаме Договор за стратешко партнерство со САД и изборот треба да биде усогласен со исполнување на такви критериуми, истакна премиерот Ковачевски. 

Back to top button
Close