Јанчев го повика Спасен во Кавадарци: Дојди и кажи колку публика можеш да донесеш и каде ќе се вклопиш во концептот на манифестација која е од балкански рамки!
По навредите за изборот на музичките гости кои годинава ќе настапат на манифестацијата Тиквешки гроздобер во Кавадарци, а кои се докажани балкански имиња кои насекаде полнат плоштади, јавно го повикувам пејачот Спасен Силјаноски уште утре да дојде во просториите на Општина Кавадарци. Да даде одговор на неколку прашања пред мене, бидејќи јавно ме прозва, но и пред јавноста, за Викимедиа вели кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Додава дека Тиквешки грзодбер во Кавадарци во иминативе години прерасна во настан кој станува популарен ширум Балканот и кој е посетен од десетици илјади гости, и не станува збор само за локална забава со изведувачи кои можат да се слушаат речиси во секој локал, во градовите во земјава, туку за манифестација на која доаѓаат изведувачи кои се ѕвезди во вистински смисол на зборот.
-Нека повели пејачот кој го стави на исто рамниште гроздоберот со ,,роштиљада” и да каже во кој дел од програмата би се вклопил, а што е уште поважно, колку публика би донел во градот? Од каде би била таа публика, со оглед на тоа што на настанот во годините наназад доаѓаат гости не само од цела Македонија, туку и од соседни земји?
И да му укажам, бидејќи очигледно не е доволно информиран, сите кавадаречки музичари кои ги спомнува, гостуваат не само на овој, туку и на секој гроздобер кој се одржал во минатото и секогаш биле максимално испочитувани од општината, бидејќи ние во Кавадарци знаеме како да го цениме и поддржиме своето.
Не само локалните музичари, туку секоја година доаѓат и пејачи од други градови од Македонија. Тиквешки гроздобер не е само една голема сцена, има настапи и на помала сцена и секој настапува таму каде знае дека може да исполни капацитет.
Кога сме кај големата сцена на која годинава ќе настапи српската еворвизиска победничка Марија Шерифовиќ, и за време на чиј настап се очекуваат најмалку 50.000 посетители, нека одговори пејачот дали тој може да гарантира дека ќе донесе барем една петина од таа бројка. Затоа што гроздоберот не е само настан за забава, туку има огромно значење и од економски аспект, колку поголема ѕвезда доаѓа, толку поголем број на гости имаме, и со тоа се поголеми и економските придобивки на нашите граѓани, вели градоначалникот Јанчев.
На крај, потсетува дека и во Македонија има големи музички ѕвезди кои гостуваат на манифестации во регионот и таму ги полнат плоштадите.
-Затоа и постои епитетот музичка ѕвезда, и не може секој да го носи. Кога за настап на некој музички гостин дури и се организира превоз од други градови, кога доаѓа река од народ од сите краеви, а на плоштадите нема место да се фрли игла, недостојно е да се потценуваат тие ѕвезди со евтини, наводно патриотски приказни кажани поради чист популизам. Уште еднаш го повикувам пејачот кој се дрзна да ја навредува традиционалната кавадаречка манифестација, да дојде во општината и да ми даде одговор на прашањата кои еве и јавно му ги поставив, изјави Јанчев.