Јанчев: Кожуф е наш дом, нема да дозволиме уништување за хидроцентрали
Емотивна реакција од пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, кој денеска преку јавна објава остро се спротивстави на најавената изградба на мали хидроелектрани на реката Дошница, на падините на планината Кожуф. Тој порача дека ова не е само еколошка борба, туку и културно-историска обврска на граѓаните чии корени се токму од ова подрачје.
„Кожуф не нѐ одгледал за да го браниме – ова не е фигуративна изјава, туку буквална. Повеќето жители на Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија потекнуваат од населбите на Кожуф. Оваа планина е наш дом, наш двор, и срамно е некој да се дрзне да прави зулуми во него“, напиша Јанчев.
Тој подвлече дека борбата против изградбата на минихидроцентрали не е само локален еколошки проблем, туку прашање од национално значење, поврзано со историјата и идентитетот на Македонија.
„Без разлика дали зборуваме за генерации што пиеле вода и дишеле воздух од Кожуф, или за борци – комити и партизани – што се криеле и бореле во неговите пазуви, тежината на оваа планина е испреплетена со судбината на цела Македонија“, истакна пратеникот на Левица.
На денешниот протест за заштита на реката Дошница и планината Кожуф, според Јанчев, присуствувале граѓани од над 15 града, што според него е јасна порака до надлежните и до инвеститорите дека „народот е подготвен да ја брани природата“.
„Тука се скршиле многу душмани на Македонија – ќе се скршат и овие сегашниве. Минихидроцентрали на Дошница нема да има!“, заврши Јанчев.
Протестите против најавените енергетски проекти на Дошница продолжуваат со блокади и кампови, поддржани од бројни активисти, локални жители и екологисти од целата држава.
Извор: fokus.mk