Јанчев: Попис треба да има пред летото – ако чекаме да помине пандемијата, ќе дојдат и избори

За разлика од ставот на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот на Кавадарци смета дека пандемијата не е пречка за спроведување на пописот

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев смета дека попис мора да се спроведе и дека најидеално време за тоа е пред летото, бидејќи во лето тешко се изведува, а на есен има локални  избори.

„Дека попис ни е неопходен, тоа е повеќе од јасно. Замислете 20 години немаме попис, тоа е катастрофа. Ако доаѓате од бизнис – секторот, имате попис секоја година или месец, а замислете држава да не си го попише сопственото население. Тоа се неколку генерации“, рече Јанчев во дебатата „Клик Плус“ на ТВ 21 

Јанчев, за разлика од ставот на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека пандемијата не треба да е пречка за спроведување на пописот, бидејќи како што вели, таа ќе трае подолго и покрај вакцините.

„Ако чекаме да помине пандемијата, па ќе дојдат изборите, па ќе дојдат други избори, и никогаш нема да направиме попис. А покрај населението, ќе попишеме и многу други делови во општините кои не сме ги занеле до сега: од семејства, од образование, од енергетика од многу работи кои се предуслови за развој на една држава. Треба да се направи попис, да има протоколи донесени од Министерството за здравство, ништо не е страшно ако ги почитуваме протоколите. Ако не го направиме пред почетокот на летото, тогаш летен период тешко ќе се изведе“, рече Јанчев.

Back to top button
Close