Андонов: Вo петок истекува рокот за пријавување за снабдување со субвенционирана електрична енергија од 1 февруари

Основните и средните училишта кои се уште се немаат пријавено на огласот за добивање на субвенционирана електрична енергија, тоа да го направат веднаш, порача денеска советникот за енергетика во Владата Виктор Андонов и додаде дека рокот за пријавување за снабдување со субвенционирана електрична енергија од 1 февруари завршува во петок на 20 јануари.

-Министерството за образование и наука (МОН) во текот на вчерашниот ден исто така ги повика училиштата да аплицираат на повикот за субвенционирана електрична енергија, за што службите на ЕСМ им стојат на располагање. Заеднички интерес е децата да имаат непречена настава и топли училници, а училиштата да имаат помали сметки за електрична енергија, рече Андонов на денешната прес-конференција во Владата.

 

Оцени дека годинава започна со стабилно домашно производство на електрична енергија, а неколку дена по ред во јануари, како што кажа, ЕСМ произведува и продава ноќни вишоци на електрична енергија.

 

-За периодот од 12 до 17 јануари продадени се вкупно 1.980 мегават часови на електрична енергија, како ноќни вишоци во јавна и транспарентна постапка спроведена од ЕСМ. Енергетскиот биланс на 17 јануари 2023 година, пак, покажува дека вкупното производство на електрична енергија изнесува 17.752 мегават часови од кои 13.801 мегават час се произведени од термоелектраните, додека 3.951 мегават час електрична енергија се произведени од обновливи извори на енергија. Продадени се ноќни вишоци на електрична енергија од 330 мегават часови. Со овие количини целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, посочи Андонов.

 

Тој нагласи дека од ова производство се задоволени и потребите за болниците, училиштата, јавните претпријатија, компаниите од прехранбениот сектор и другите објекти од витална инфраструктура во земјата кои како дополнителна обврска за снабдување со електрична енергија по субвенционирани цени ги доби ЕСМ Снабдување.

 

-Стабилноста на енергетскиот систем е исклучително важна во процесот за полесно справување со енергетската криза. Неопходно е сите да покажеме солидарност, одговорност и рационално користење на ресурсите. Владата обезбеди услови виталните државни сектори, како и таргетираните сектори со цел намалување на цените на основните производи да се снабдуваат со поевтина субвенционирана цена на електричната енергија, рече Андонов.

 

МОН вчера информира дека учебната година продолжува на 23 јануари со физичко присуство за сите ученици и истакна дека зимскиот распуст е продолжен поради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење.

 

-Со оглед на тоа што дел од јавните основни и средни училишта се уште ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана електрична енергија, апелираме до раководствата на образовните установи и општините како нивни основачи, да ја реализираат оваа можност. Со тоа, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година, информираа вчера од МОН.

Back to top button
Close