Андоновски ќе го затвори Фондот за иновации за да престанело крадењето
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави постапно затворање на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во текот на оваа година поради, како што рече, бројни финансиски злоупотреби и криминали сторени од страна на неколку претходни раководства на институцијата.
Планот, како што изјави Андоновски во синоќешното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, е по затворањето на Фондот, надлежностите да ги преземат Министерството за дигитална трансформација, Министерството за образование и наука и други соодветни институции.
„Идејата е Фондот да се затвори и тоа ќе се случи во текот на 2025 година, а надлежностите во поглед на технолошкиот развој, иновациите да ги преземат институциите кои што се соодветни на тоа, во поглед на технолошкиот развој, дигиталните иновации тоа е нашето министерство, во научните проекти и иновации – Министерството за образование и наука. Планот за тоа ќе биде постапен” рече Андоновски.
Министерот најави дека оваа недела ќе бидат поднесени кривични пријави за различни проекти коишто никогаш не се реализирале, а биле исплаќани.
„Се покажа дека Фондот за иновации со сите негови претходни директори во последните шест години работел многу криминално. Во прашање се направени неколку милиони евра штета. За жал, Фондот го изгуби кредибилитетот кај граѓаните и ние ако отвориме нова програма утре во Фондот за иновации, луѓето ќе речат вие сте исти како претходните. Како што претходните делеа пари за хулахопки, за пица рецепти, за небинарен тоалет, така и вие сега ќе правите за некои нови. Тоа не можеме да го дозволиме”додаде министерот.
Испрати порака до актуелното раководство на Фондот да работи уште понапорно на ревизијата, за, како што рече, да би се открило сè што се случувало во институцијата.