Андоновски: Не размислуваме за забрана на социјалните мрежи за малолетници до 15 години, тоа би бил радикален чекор

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека Владата не размислува за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за малолетници до 15 години, оценувајќи дека таквиот потег би бил премногу радикален и би значел мешање на државата во основните права и слободи.

Андоновски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на настан во Прилеп, по повод одбележување на Денот на безбеден интернет, за тоа дали и Македонија ќе тргне по стапките на некои земји, од кои дел и членки на Европската Унија (ЕУ) каде што во тек е дискусија за ограничување на пристапот до социјални мрежи за малолетници.
„Забележавме петиции и во Македонија. Јас дадов еден коментар. Ние минатата година, во рамките на овој проект, во сите училишта претставивме начин на контрола преку кој родителите може да контролираат кои апликации нивните деца може да ги имаат на своите мобилни телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат или не да ги следат. Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од Интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки кои се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство“,
изјави министерот за дигитална трансформација.
Сепак, тој остави простор, доколку има зголемен интерес од родителите и доколку постои, како што кажа, зголемен страв, да се отвори дискусија за тие прашања. Во тој контекст, Андоновски рече дека може да се направи јавна расправа и анкета за да се види какви се интересот и размислувањето на родителите.
„Не бегаме од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Така, отвораме врата за државата утре да си дозволи да забранува и тоа да биде спротивно на слободата на говорот, спротивно на слободата на изразување, зашто државата решила дека некаква алатка треба да забрани. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола“,
додаде министерот.
Инаку, во организација на Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп денеска во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во овој град беше одржан настан по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет.
Андоновски по повод настанот рече дека со него се заокружува големиот проект за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од дигитална Европа и од Европската Унија.
„Ова е еден од последните настани со кој го завршуваме овој проект и во очекување сме на целосно воспоставување на Центарот кој ќе има своја линија на која ќе може да се јавуваат млади луѓе, родители, наставници за тоа како да се справуваат со недостатоците на интернет, како да им помогнат на младите“,изјави Андоновски.
За еден месец, како што наведе тој, ќе бидат готови и резултатите од проектот вреден 600 000 евра, а Министерството очекува да почне нов, или втора фаза, со поддршка од ЕУ од околу еден милион евра.

Во однос на безбедниот интернет, Македонија, според Андоновски, е на просекот на Европа и земјата се справува со истите предизвици како и европските држави.
„Затоа денеска, на еден многу безбеден, интерактивен начин им објаснуваме на младите, дискутираме со нив со кои од овие предизвици тие се соочуваат и им даваме алатки, начини, како да се справуваат со нив“,
рече министерот за дигитална трансформација.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и поддршката од Министерството за дигитална трансформација, истакнувајќи дека Прилеп е меѓу приоритетите на Министерството. Како конкретен пример го посочи новиот Центар за услуги на Министерството, кој се наоѓа во просториите на секторот за даночна управа во Прилеп.
Преку новиот Центар, како што кажа, граѓаните на Прилеп ќе имаат физичка можност да добијат некоја од услугите кои се достапни на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.





