Јанева ветува дека од есен во реконструираните студентски домови нема да има глодари за бркање
Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда заедно со „Кузман Јосифовски-Питу“ во Центар, според најавите на министерката за образование и наука, ќе ги отворат вратите за студентите на стартот на академската година, на 1 октомври годинава. Најдоцна до септември, пак, се очекува да почне реконструкцијата на сите други студентски домови

Отсега натаму нема бркање глодари и инсекти, нема лепење прозорци и лифтови што се клатат – изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска за време на денешниот увид во градежните активности за реконструкција на студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда.
Овој студентски дом, заедно со „Кузман Јосифовски-Питу“ во Центар, според најавите на министерката, ќе ги отворат вратите за студентите на стартот на академската година, на 1 октомври годинава.
Најдоцна до септември, пак, се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во земјава, односно на тие во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, домот „Пелагонија“ и кујната во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Нивната реконструкција ќе се одвива истовремено, а ќе трае година и половина до две години, во зависност од големината на домот.
„За две години ќе имаме комплетно нови студентски домови со европски стандарди. Студентите добиваат модерни европски стандарди, студентски домови. И отсега па натаму нема бркање глодари, нема бркање инсекти. Студентите ќе имаат соодветна храна, ќе имаат соодветно сместување. Нема лепење прозорци, нема лифтови што се клатат, ќе има вода и струја. И како што можете да видите, ова е сосема реално“,изјави Јаневска при денешниот увид на реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“.
За тоа каде ќе престојуваат студентите додека трае реконтрукцијата на студентските домови, таа вели:
„Во дел студентите ќе бидат во закупен приватен студентски дом. Во друг град ќе бидат во обезбеден простор – интерресорска соработка со две министерства, во трет град ќе бидат користени дел од ученичките домови. Ниеден студент нема да остане на улица, сите ќе си го добијат она што им следи, тоа што е нивно право.“
На денешниот увид во скопска Автокоманда присуствуваше и директорот на Државниот студентски дом во Скопје, Александар Каровски, под чија капа се студентските домови „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“. Рече дека во објектите сè ќе биде ново – централно греење, ладење, тоалети, мебел.
„Како што кажа министерката, очекуваме од 1 октомври студентите да имаат најдобри услови, тврдам, најдобри услови во регионот и пошироко. Со овие нови инвестиции студентскиот стандард ќе биде на многу повисоко ниво. Во однос на одржувањето на реконструираните домови, очекувам почитување на куќниот ред од страна на студентите, како и досега“,изјави Каровски.






