Јаневска призна дека оваа учебна година, сепак, нема учебник за секое дете
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска на 31 август, еден ден пред стартот на новата учебна година рече дека има учебници за сите ученици, за денеска сепак, да го каже спротивното
„Обезбедени се учебници за сите ученици, а за прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици“. Ова го изјави министерката за образование и наука (МОН), Весна Јаневска на 31 август, еден ден пред стартот на новата учебна година. Сепак, Јаневска денеска, одговарајќи на новинарско прашање, призна дека учебници за сите ученици нема.
„Од прво до трето одделение нема никакви поплаки. Во четврто одделение има проблем со учебникот по математика и ќе се обидеме да го решиме. Во петто, имаат нов учебник по историја и општество, во шесто имаат учебник по историја нов, а учениците во седмо, добиваат нови учебници по сите предмети. Во осмо одделение, предизвик е учебникот по историја, одобрен од минатите влади, а повлечен од 2019 година од МНР поради барањето на мешовитата комисија. Зошто никој од претходните министри не презеле нешто за учебникот, да биде испечатен нов, ќе мора да ги прашате нив. За 14 дена ќе биде објавен конкурсот за новите наставни програми за осмо одделение, а тоа значи дека догодина ќе има комплетно нови учебнци вклучувајчи и нова историја. Учебникот кој сега се дели по училишта не е одобрен учебник“, рече Јаневска.
Министерката кажа дека до неа стасале поплаки од родители кои се пожалиле дека нивните деца добиле несоодветни и оштетени учебници, по што кажа дека тие, согласно закон, се обновуваат на секои 5 години.
„Секако, можно е учебник да биде оштетен, затоа сме превиделе училишна комисија која го прима учебникот по користењето, па ако е оштетен, цената треба да ја плати родителот. Комисијата и директорите се должни да имаат евиденција и да побараат рефундирање на средствата. МОН не може да проверува учебници кај секој ученик“, рече Јаневска.
На новинарско прашање, колку пари досега се потрошени за учебници, Јаневска кажа дека вкупната сума која била одвоена годинава за оваа намена е околу 11 милиони евра.
Родители во групата на Фејсбук „Подрршка за онлајн настава“, на прашањето дали нивните деца добиле учебници, дали има оштетени, како и дали има предмети по кои децата воопшто не добиле учебник најчесто одговорија негативно.
„Моето дете е осмо одделение и му дадоа 6 учебници од вкупно 11. Стари се, без корици и копирани. „Најздрав“ е учебникот по математика. Другите се партал“, коментира мајка на осмоодделенец.
„Мојот син е петто одделение, 10 деца немаат ниту еден учебник, а останатите што ги имаат се оштетени и неупотребливи, посебно учебникот по математика“, вели друг родител.
Има коментари кои се однесуваат и на недостиг на учебници во средното образование.
„Во училиштето Васил Антевски – Дрен, правна насока, повеќе од половина клас немаат учебници“, пишува друга мајка.
На први септември, тврдејќи дека МОН и општините се погрижиле да бидат обезбедени сите услови за квалитетна настава, Јаневска кажа дека ќе има учебници за сите ученици.
„Обезбедени се учебници за сите ученици и ова повеќе нема да биде предмет на дискусија“, беше децидна Јаневска.
МОН реагираше и по прес-конференцијата на СДСМ, на која беше кажано дека не е точно дека учебници има за сите ученици.
„Учебници има, за сите ученици. Министерството за образование и наука годинава го испечати целиот тираж кој го побараа сите училишта, преку посебната електронска апликација за пријавување на потребни количини на учебници. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години“, беше наведено во соопштението од МОН.