Јаневска: Спроведуваме истражување за вработливоста на македонските студенти, податоците ќе помогнат за нови политики во високото образование

– Министерството во моментов спроведува истражување во кое се вклучени сите државни универзитети и генерацијата дипломирани студенти во академската 2022/2023 година, за да видиме каков е степенот на вработливоста, односно дали овие студенти веќе се вработиле и за колку време по дипломирањето, дали стекнатите знаења и вештини им се применливи на работното место, дали се задоволни од приходите од работата, посочи денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа денеска на настанот на Економскиот факултет на кој се зборуваше за проектот „Skills4Justice“, рече дека токму ова истражување ќе помогне попрецизно да се изврши увид во однос на тоа каков квалитет продуцираат нашите универзитети и што е тоа што треба да се промени.

-Истражувањето ќе ни покаже дали се потребни нови студиски програми, дали е можеби добро да воведеме интердисциплинарни студии, повеќе практична настава на одредени факултети, редефинирање на квотите и слично, рече Јаневска.

Резултатите, како што напомена, ќе бидат корисен основ за креирање на идните високообразовни политики.

-Се обидуваме да го унапредиме квалитетот на образованието, кое во минатото често беше причина за младите да си заминуваат во други земји барајќи подобри образовни можности. Ќе создадеме крупни промени, но потребна е посилна соработка со сите чинители, а особено со универзитетите и бизнис заедницата, за да го стопираме процесот на миграција, додаде министерката.

Проектот „Skills4Justice“ се спроведува во рамки на програмата Хоризонт на Европската Унија и истиот адресира прашања поврзани со миграцијата на населението.

Министерката Јаневска напомена дека темата за миграцијата е исклучително важна, особено за нашата земја. Како што рече, станува збор за голем предизвик, со оглед на тоа дека за седум години во државата има 17 илјади ученици помалку, а бројот на студенти е намален за 7 илјади.

-Веројатно заради застојот што го имаше во процесите и прогресијата на образовниот систем, дел од оние кои најмногу сакаат да се стекнат со знаења, се придвижија кон странски држави, каде што сметаат дека ќе добијат поквалитетно знаење. Владата прави сериозни чекори да влијае на овие промени, кои за државата секако дека не се пожелни, но и Министерството за образование и наука се вклучи во тој процес да овозможи поголемо задоволство на младите, нивно вработување, нивно пронаоѓање на пазарот на трудот и секако, подобар живот. Дел од тоа што ние го правиме е работата на Националното координативно тело за реформи во високото образование, кое во моментот работи на Законот за високо образование и Законот за научно истражувачка дејност, и уште неколку други закони, рече Јаневска.

Таа додаде дека новиот Закон за високо образование, кој е во процес на подготовка, ќе биде добра основа за поставување цврсти темели на високото образование. Посочи дека се разгледуваат можности во Законот да има и мерка во иднина на најдобрите студенти во секоја генерација да им се понуди вработување на јавните универзитети и научни установи.

Back to top button
Close