Ангел Џамбаски и казна за расизам

Бугарскиот европратеник и потпретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, привлече големо внимание со своите негаторски и навредливи изјави упатени на адресата на Македонците и нивниот историски и национален идентитет. На социјалните мрежи дури изнесуваше и манипулативни обвинувања за наводно промовирање на расизам во учебници во Македонија.

Но Џамбаски, во неговиот познат стил на разгорување етничка нетрпеливост и ширење национал-шовинистички изјави, деновиве се соочува со остри осуди во Брисел. Групата за антирасизам и различност во Европскиот парламент, АРДИ, бара тој да биде казнет за расизам.

Ваквите барања се актуелизирани поради изјавите на Џамбаски и на италијанската европратеничка Мариа Бизото изнесени во дебатата во Европскиот парламент на 20 мај годинава во врска со новите препораки на Европската комисија за инклузивност и интеграција на ромското население во ЕУ.

Џамбаски ја оценил дискусијата како „тотално погрешна“, бидејќи била фокусирана на правата на Ромите. „Зборувате за права, права и права, тоа е прекрасно, но правата треба да ги следат обврските. Обврски да се образуваш, да бараш работа, да не правиш кривични дела, да не крадеш, да не убиваш постари луѓе, да не силуваш постари жени. Кога имаш такви обврски, имаш и права, се разбира, но вие постојано го нагласувате ова второво“, рекол Џамбаски во дискусијата.

За волја на вистината, изјави со ваква содржина може да се слушнат и во други балкански земји, и всушност не откриваат ништо ново во однос на закоравените предрасуди и агресивниот социјален третман на малцинствата, посебно кога станува збор за Ромите. Но овојпат осудите за расистички ставови се насочени кон бугарски европратеник, кој се изјаснува без одмереност и без влакно на јазикот.

Џамбаски својата дискусија во Европскиот парламент, која очигледно ја прелеала чашата, ја завршил со заклучок дека „не е можна интеграција за луѓе кои не сакаат да се интегрираат“. Тоа е всушност и острицата во сфаќањата на екстремните десничари пошироко во Европа, кои играат по тенките жици на популизмот. Таквите ставови за малцинските групи, националниот идентитет, имиграцијата и ксенофобијата, се препознаваат и во политиката за која залага францускиот Национален фронт на Марин Ле Пен, во жестоките анти-имигрантски кампањи на десно-радикалната Алтернатива за Германија (АФД), или во пропагирањето на политика на асимилација на имигрантите на холандската Слободарска партија на Герт Вилдерс. Крајно десничарската партија Шведски демократи неодамна во дебатата околу порастот на насилство врз жени истапи со тврдење дека имигрантите во Шведска внесуваат „средновековни ставови и гледишта“.

Што се однесува до Џамбаски, чиј имиџ се потпира врз контроверзен говор на омраза, во добар дел несомнено инспириран од неговиот ментор Красимир Каракачанов, групата АРДИ во Европскиот парламент смета дека е очигледно оти повеќе не е доволно да се реагира само со предупредувања, без оглед што некој ќе се повикува на респектот за слободата на изразување. „Да се нарекуваат цели етнички групи како силувачи, убијци и злосторници и да им се негираат граѓанските права во ЕУ-членките, не може да се оправдува со повикување на слободата на изразување“. Џамбаски, пак, од своја страна тука не гледа никаква потреба од малку критичка дистанца од сопствените шовинистички и расистички ставови.

На прашањето од шведскиот портал „Дагенс арена“, да објасни како гледа на овие обвинувања, Џамбаски вели дека неговите колеги во Европскиот парламент се кријат зад политичка коректност, додека тој “гледа на нештата какви што се“.

Во изминатите години повеќепати се поставувани пратенички прашања во однос на статусот и третманот на малцинствата во Бугарија, вклучувајќи го и македонското малцинство, кое од страна на Софија е прогласено за непостоечко и постојано изложено на асимилација и кампања на прогонување. Таквата политика продолжува и по 14 години од членството на Бугарија во ЕУ. Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства се запоставува во Бугарија, каде што граѓаните кои се сметаат за Македонци немаат никакви можности официјално да се изјаснат како такви.

Но пратеничките прашања за тоа како Европската комисија ќе се заложи Бугарија да ги респектира човечките права, вклучувајќи ги и правата на ЕУ-граѓаните во Бугарија кои припаѓаат на македонското малцинство, и како ЕУ ќе ја принуди Бугарија официјално да ги регистрира македонските здуженија, засега се без задоволителен одговор.

Без појасен и конкретен одговор остана и пратеничкото прашање во Европскиот парламент во април годинава, околу начнот на кој Европската комисија ќе се погрижи билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија во врска со културно-историските прашања да се оддели од натамошниот процес на предпристапните преговори за членство, а што би ја потврдило и заштитло објективноста и кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. Во меѓувреме екстремните негаторски национал-шовинистички бугарски испади, меѓу кои и оние од Џамбаски, продолжуваат.

Затоа и се право се очекува реакција. Прашањето дали расистички изјави, како што ги оценува споменатата група АРДИ во Европскиот парламент, засновани врз гнасни погледи на човековите права и вредности, треба да се соочат со соодветни консеквенци, не  е прашање поврзано со слободата на изразување, и дали таа се загрозува или не.

Во случајот на Ангел Џамбаски ова всушност би било првпат некој европратеник да добие казна, можеби со извесно намалување на пратеничкиот надоместок, или со суспендирање од Парламентот во траење од 30 дена. Се чини дека Џамбаски со своето непримерено однесување тоа сигурно го заслужува, иако би било претерано да се верува дека ефектот на таквата казна ќе го натера повеќе да размислува пред да почне да зборува. Само за да провоцира и навредува.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close