Ангела Меркел одби да посредува меѓу Украина и Русија
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел одби да биде главен посредник во мировните преговори меѓу Украина и Русија, оценувајќи дека само политичари кои моментално се на власт можат веродостојно да преговараат со рускиот претседател Владимир Путин.

„Можевме да водиме такви преговори со претседателот Путин само затоа што имавме политичка моќ, затоа што бевме шефови на влади“, изјави Меркел, пренесува.
„Потребна ви е таа моќ“, додаде таа.
Името на поранешната германска канцеларка се појави откако рускиот претседател за таа улога го предложи Герхард Шредер, што лидерите на Европската Унија категорично го одбија поради неговите блиски врски со Путин.
Меркел се сметаше за логичен избор за Брисел поради нејзините претходни разговори со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Сепак, покрај тоа што ја одби улогата, Меркел ја критикуваше Европската Унија затоа што, според неа, не вложила доволно дипломатски напори за разговори со Русија.
„Жалам што, според моето мислење, Европа не го користи доволно својот дипломатски потенцијал“, изјави Меркел во интервју за германската телевизија ВДР.
„Не е доволно само Доналд Трамп да одржува контакт со Русија“, додаде таа.
Меркел, која беше канцеларка на Германија од 2005 до 2021 година, изјави дека предложила воспоставување дипломатски формат меѓу Европската Унија и Русија за време на нејзиниот последен состанок на Европскиот совет во октомври 2021 година, четири месеци пред почетокот на војната во Украина.
Таа посочи дека иницијативата пропаднала поради различните ставови во рамки на Европската Унија за тоа како треба да се постапува со Москва.
„Мора да продолжите да работите на тоа сè додека не постигнете заеднички став“, изјави Меркел, осврнувајќи се на застојот во преговорите.
„Дипломатијата секогаш била другата страна на медалот, па и за време на Студената војна“, порача поранешната германска канцеларка објави Скопје1.мк






