Ангелоски: Треба да се најде решение како да се обесштетат оние што ги регистрирале своите возила и платиле 15 отсто поскапо осигурување

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски смета дека треба да се најде решение како да се обесштетат граѓаните или институциите што ги регистрирале своите возила и платиле 15 отсто поскапо осигурување.

Ангелоски вели дека треба да постои една јасна определеност која мерка е во сила и ова според него е уште еден доказ на неорганизираноста на нашето општество.

„Многу често имаме избрзани одлуки или одлуки без јасна предвидливост. Ние во континуитет имаме сигнализирано во неколку наврати на оваа тема. Ова е непријатна ситуација каде што сите ние ги чувствуваме тие последици“,рече Ангелоски денеска во одговор на новинарско прашање.

На прашањето дали е избрзана одлуката за враќање на старите цени, Ангелоски рече дека не навлегува во тоа дали е избрзана одлуката за подигнување или за враќање на цените, но смета дека треба да постои доволно подготвителен период да се најави која било одлука, да се направи одредена подкотовка и потоа таа да се имплементира.

 

„Вака ад хок донесување и ад хок укинување мислам дека има штетни последици кон сите. Сериозни институции и генерално општеството не треба да си дозволи вакви екскурзии“рече тој.

Во однос на тоа дали осигурителните компании, кои се членки на Сојузот на стопански комори, се сложуваат со ваквата одлука и дали се на ставот да ги вратат средствата што веќе граѓаните ги платиле при регистрацијата на возилата, Ангелоски рече дека тоа е прашање што треба да го изрегулира регулаторното тело кое постои во склоп на Министерството за финансии и конкретните компании.

 

Минатата недела Националното биро за осигурување до осигурителните компании испратило известување дека од 26 април цените на осигурителните полиси да бидат повисоки за 15 отсто. Овие цени се однесуваа при регистрација на автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила, а премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати да остане иста.

Поскапи регистрацијата на возилата: Цените на осигурителните полиси скокнаа за 15 отсто

Од осигурителните компании велат дека зголемувањето на цената е оправдано, со оглед дека автоделовите се поскапени.

Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) го оценија како неоправдан чекор на осигурителните компании.

Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, АСО доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Неоправдано е зголемувањето на цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, тврди Агенцијата за супервизија на осигурувањето

На 2 мај, пак, на владина седница беше донесена одлука цената на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност да се врати на ниво од пред 25 април.

Одлуката е донесена по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии кои до Владата доставиле информација со предлог-измени и дополнувања на тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Владата донесе одлука да се вратат старите цени на осигурување од автоодговорност при регистрација на возила

Со измените и дополнувањата, како што рекоа од владината прес-служба, се утврдува опсег од 15 до 30 отсто, во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност

Back to top button
Close