Ангелов бара пилоти за „ер трактори“ пред сезоната на пожари
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, започна активности за засилување на капацитетите со пилоти на „ер трактори“ пред претстојната сезона на пожари.

Тој го посети спортскиот аеродром кај Штип, каде се сретна со Раде Ивановски, сопственик на компанијата „Римин Еар“, пензиониран пилот и инструктор, со кого разговараше за можностите за организирање основна обука за пилоти на овие специјализирани авиони за гаснење пожари.
Во рамки на посетата, Ангелов оствари средба и со тројца потенцијални кандидати, кои имаат над 300 часови налет во спортско летање. Со еден од нив реализираше и извидувачки лет над штипскиот регион, како дел од проценката на нивните способности.
Во моментов, Дирекцијата располага со пет пилоти на „ер трактор“. Еден авион е веќе сервисиран и оперативен на аеродром, додека уште два се на сервис и се очекува да бидат подготвени најдоцна до мај.
Со овие подготовки, надлежните институции очекуваат поорганизирано и поефикасно справување со пожарите на отворено во текот на летната сезона објави Скопје1.мк






