Ангелов: Францускиот предлог е неприфатлив!


Францускиот предлог е неприфатлив за Стојанче Ангелов и за неговата партија Достоинство. Своето образложение Ангелов го објави на фејсбук.

Тој појаснува дека како десна партија во лева коалиција, за некои работи Достоинство има поинакви ставови од предводникот на шаренолика коалиција СДСМ, но, благодарение на нивната досегашна соработка, доверба и разбирање го задржале правото на јавно искажување на различни ставови за одредени општествени настани, процеси или состојби.
-Мене лично особено ме иритира тоа што убедливо мнозинство Бугари, од кои повеќето сакаат да се прикажуваат како наши браќа, даваат неспорна поддршка на бугарскиот Парламент и бугарската Влада за блокадата на Македонија на патот кон ЕУ. Барем така кажуваат честите анкети за испитување на јавното мислење во Бугарија. Претпоставувам тие се свесни дека со оваа блокада директно ги оневозможуваат придобивките за Македонија кои би се појавиле со самиот почеток на преговорите со ЕУ. На тој начин бугарските граѓани посредно, преку нивниот Парламент и Влада, придонесуваат Македонците и сите македонски граѓани да живеат полошо отколку кога Македонија би добила датум и би ги започнала преговорите со ЕУ.

Значи, мнозинството од нашите бугарски “браќа” се согласни нивните “браќа“ Македонци да трпат голема штета само затоа што мислат и чувствуваат поинаку од нив. Само затоа што мислат, зборуваат и се чувствуваат како Македонци. Сакам да верувам дека сепак нашите браќа Бугари, насочени од делови од бугарските интелектуални кругови, ќе се одважат и на вонредните парламентарни избори, тајно, зад гласачките паравани, повторно ќе ги казнат нивните најгласни политичари кои го подгреваат бизарниот спор против Македонија и Македонците исто како што направија со партијата на шовинистот Красимир Каракачанов – ВМРО БНД, која на последните избори беше дискфалификувана од бугарската политичка сцена, веки Ангелов.

Сепак додава дека, од друга страна, како политичар кој повеќе од 10 години опстојува на македонската политичка сцена, во име на доброто на народот и на државата, иако не се согласува, би можел да се соочи дури и со овие непринципиелни и понижувачки услови кон нас Македонците – но само во случај доколку на Македонија ѝ беше одобрен чист, неспорен и неусловен датум за почеток на преговорите, со кој најпосле ќе започнеа пристапните преговори со ЕУ.

-За жал, со модифицираниот францускиот предлог Македонија може да смета на реален почеток на преговорите за членство во ЕУ дури откако Бугарите ќе бидат внесени во нашиот Устав, уставна измена за која е потребно двотретинско мнозинство, кое, ако се земат предвид категоричните изјави на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, е невозможно да се обезбеди.
Почетокот на преговорите, дури и под исклучително неповолни услови за нас, на Македонија би ѝ овозможил влез во дворот на ЕУ, кога би била принудена да изврши сериозни, реални, длабоки државни реформи, но воедно би имала пристап и до значителни европски финансиски фондови кои би ни помогнале да ја зајакнеме нашата држава одвнатре, во сите сегменти. Свесен дека можноста да влеземе внатре во ЕУ е прилично мала и неверојатна, не само поради бугарските кочници кои се уфрлени во некои компоненти на модифицираниот француски предлог, туку и поради неискрената политика на некои од клучните држави членки на ЕУ кои декларативно се, но реално не се расположени за можноста држави од Западен Балкан да станат дел од европското семејство.

Токму затоа, „да“ за ЕУ но „не“ по секоја цена. За нас во Достоинство ЕУ нема алтернатива и преговорите со Бугарија мора да продолжат сè до наоѓањето на некое пристојно и прифатливо решение. Но, ваков каков што е, модифицираниот француски предлог е неприфатлив за мене како човек но и за нас како политичка партија Достоинство. Воедно, како неформален лидер на поголем дел од македонските бранители, одговорно тврдам дека за нас македонските бранители кои во 2001-та се боревме и крваревме за татковината Македонија, овој предлог е неприфатлив, вели Ангелов.

Back to top button
Close