Ангелов: Лага е дека пожарот горел четири дена. Зарем требаше да падне хеликоптер за да се увериме дека не треба да летаат на пеколни температури?

-Одредени центри на моќ пренесуваа дезинформации дека пожарот од пред пет дена кај Кочани не бил изгасен и повторно се разгорел. Не е точно, ова е нов пожар, кој најверојатно е поради спој на жици од далновод. Споро се ширел и бил под контрола, но ненадејниот јак ветер и сувата вегетација придонел да се рашири пожарот во различни правци. Од градоначалникот ми беше побаран хеликоптер, но тој се наоѓаше во Старо Нагоричане, каде беа загрозени повеќе куќи и тоа на терен што е тешко пристапен за цистерните. Додека, пак, пожарот кај Кочани можеше да се контролира по земјен пат, кажа Ангелов, според кого државата има ограничени ресурси, како со претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, но и со СДСМ, а веројатно така и ќе биде во иднина.

Директорот на ЦУК истакна дека втората дезинформација е дека ЦУК не презел ништо.

-Уште во раните утрински часови, ангажиравме хеликоптер за гаснење пожари, односно тој полета накај Нагоричане. Во текот на вчерашниот ден со мое приватно возило заминав за Крушево, место кадешто сакам да го чествувам нашиот најголем празник, особено како бранител што крвавел. Јас не можам да знам дека во тој момент ќе се појави таков пожар, еве можеби и додека ја држам прес-конференцијата некаде се јавува страшен пожар, вели Ангелов.

Тој објасни дека на температури повисоки од 37 степени, не е безбедно летањето на хеликоптерот и не смее да се жртвуваат пилотите.

-Нивните животи нема да успееме да ги вратиме, а шумата повторно ќе израсне. Еден од хеликоптерите прегреа вчера и мораше да се крене на 2000 метри да се излади, за да се врати во базата. Не само македонските, туку и српските не можат да летаат на овие пеколни температури. Зарем треба да падне хеликоптер за овој факт да се потврди?, прашува Ангелов.

Тој извести дека побарал веднаш да се пренасочи хеликоптерот од Старо Нагоричане кон Кочани, но тоа било невозможно, бидејќи ќе немал доволно гориво и ќе се изгубело драгоцено време за да се врати и да се наполни, па повторно да доаѓа до Кочани.

-Затоа решив хеликоптерот за продолжи да гаси во Старо Нагоричане, каде спасувавме човечки животи, заклучи Ангелов.

Back to top button
Close