Ангелов: Повеќе од сигурно е дека некои пожари се подметнати затоа што бројката е енормна
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, утрово од Јасен после целовечерната борба со шумскиот пожар, рече дека во изминатото деноноќие на територијата на Македонија имало три шумски пожари, од кои токму на Јасен бил најтежок за гасење.
„Во изминатото деноноќие имавме 33 пожари. 28 пожари се целосно изгаснати, два се ставени под контрол, а три се активни. Пожарот во ловиштето Јасен беше најтежок за гаснење, кој се одвива на тежок терен. Неколку дена дејствуваме со ер трактори и хеликоптери. На лице место се присутни утринава специјалците на АРМ како и од ЕБР од МВР. Овие луѓе работат на една од линиите над патот, која успеавме да ја изгасиме со што спречивме ширење на пожарот. За жал имаме повторно знаци за реактивирање на еден мал крак, упатени се сили и се надевам дека ќе успееме да го локализираме. Состојбата во долниот дел од патот е лоша, има многу чад. Воздухопловите тука не можат да ејствуваат затоа што видливоста е лоша, и гаснењето се одвива отежнато. На лице место се екипи од ЈП Јасен и на македонски шуми. Во текот на ноќта на помош ги повикавме и пожарникарите од Кавадарци, кој помагаат.
Останати пожари кои се активни се пожарот кој избувна во текот на вчерашниот ден во општина Сарај од селото Радуша кон селото Дворце а најверојатно ќе се префрли кон Јегуновце. Се работи за гасење на овој пожар, и верувам дека ќе го ставиме под контрола.
Третиот активен пожар е на територијата на Македонски Брод. Пожар кој беше активен пред неколку недели“, изјави Ангелов.
Тој рече дека дел од пожарите се подметнати, со оглед дека бројката во текот на вчерашниот ден беше огромна.
„Повеќе од сигурно е дека некои пожари се подметнати затоа што бројката е енормна. Дополнителен проблем прави ветерот, кој го разгорува, и за миг може да се претвори во уште поголем“, изјави Ангелов