Ангелов: Пожарот во „Јасен“ сè уште е активен, со брза акција спречено е да се прошири кон објект на Јавното претпријатие

Пожарот во ловиштето „Јасен“ сè уште е активен, а претпладнево избил и во близина на објектите на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во видеоизјава снимена во близина на пожарот, вели дека зад објектите се појавил црн густ чад и висок пламен, но оти теренот не дозволува да се пристапи бидејќи е стрмен и има густа шума.

Тој додава дека со брза акција на пожарникарите огнот бил сопрен.

„Огнот се закани на објектите на ЈП ’Јасен’, но со брза, енергична и одлучна акција со повеќе возила кои претходно беа поставени во полукружна одбрана, огнот беше сопрен во близина на самите објекти“вели Ангелов.

Тој додава дека во интервенцијата биле вклучени припадниците на специјалните единици на армијата и полицијата, „Волци“, „Ренџери“ и ЕБР, како и пожарникарите од скопската бригада за противпожарна заштита, а се гаснело и со приспособените „пинцгауери“ и „хермелини“.

Инаку, освен пожарот во „Јасен“, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека до 12 часот денеска се активни осум пожари на отворен простор.

Активни пожари има и во близина на струшкото село Октиси кај местото викано Октишка краста и кај Бегова шума, во Прилеп кај селото Дабница, во Општина Македонски Брод кај селата Девич – Грешница. Во општина Чешиново и Облешево активен пожар има кај селото Теранци, во Општина Јегуновце меѓу селата Рогачево и Јажинце и во Општина Сопиште кај селото Св. Петка.

Од ЦУК велат дека изгаснати се пожарите во општините Демир Хисар, Струга, Делчево, Куманово, Старо Нагоричане, Сарај, Арачиново, Желино, Тетово и Гостивар.

Back to top button
Close