Ангелов пред протестот на ДУИ: Воени злосторства не се бранат со протести, целта им се тензии и враќање на власт

Лидерот на политичката партија Достоинство и бранител од конфликтот во 2001 година, Стојанче Ангелов, остро реагираше во пресрет на денешниот протест што го најави ДУИ во поддршка на поранешните припадници на УЧК. Во објава на својот Фејсбук профил, Ангелов порача дека сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства мора да одговараат согласно меѓународното право, без разлика каде и кога тие злосторства биле сторени.
Тој нагласи дека тоа важи и за припадниците на УЧК кои, како што наведува, извршиле воени злосторства во Македонија во 2001 година, оценувајќи дека е апсурдно да се бара ослободување на лица кои се осомничени, обвинети или осудени за дела опфатени со меѓународното хуманитарно право. Според Ангелов, злосторствата не смеат да се релативизираат ниту да се користат за политички цели.
Во продолжение на објавата, Ангелов ја проблематизира политичката позадина на протестот, тврдејќи дека вистинската цел на Али Ахмети и ДУИ е создавање меѓуетнички тензии со цел партијата повторно да се врати на власт. Тој посочи дека протестот нема реално да влијае врз одлуките на Специјализираниот суд во Хаг, што, според него, отвора сериозно прашање за скриената агенда зад неговото организирање.
Ангелов се запраша зошто протестот се одржува токму во Скопје и дали станува збор за спонтан настан или за внимателно осмислено сценарио насочено кон напад врз актуелната власт, владејачката коалиција и премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека протестот може да претставува перфиден обид да се ослабне власта, ставајќи го и албанскиот коалиционен партнер во незавидна позиција – доколку не учествува, се зајакнува ДУИ, а доколку учествува, се создава услов за политичка нестабилност.
Според Ангелов, можноста за разгорување на меѓуетничка нетрпеливост и дополнително нарушување на веќе кревката меѓуетничка доверба претставува „бонус“ за ДУИ во ова сценарио, што, како што заклучува, покажува дека протестот е повеќе политичка алатка отколку искрена борба за правда.
Извор: skopje1.mk






