Ангелов: Со локалното население успеавме да ја совладаме левата огнена линија кај Јажинце, десната е на непристапен терен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека доцна синоќа повторно се реактивирал пожарот во атарот на селото Јажинце, општина Јегуновце. Огнот, поттикнат од силниот ветер и лесно запаливата вегетација, се проширил на повеќе од еден километар во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце.

„На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да го премине патот“, изјави Ангелов.

Тој објасни дека околу полноќ лично се искачил до огнената линија, заедно со својот возач и седум жители на селото Рогачево, каде што започнале директно гаснење. „Гаснењето се одвиваше во две фази – гаснење, контролирање и догаснување на изгаснатата линија. До три часот по полноќ успеавме да ја совладаме целата лева огнена линија, долга повеќе од еден километар“, истакна тој.

Ангелов додаде дека десната страна на пожарот засега е тешко достапна поради густа вегетација и непристапен терен. За да се спречи повторно разгорување, активиран бил полициски хеликоптер кој прецизно фрла вода врз жешките точки.

„Министерот Тошковски кој синоќа ја посети локацијата, остана со нас цела ноќ и утрово“, посочи Ангелов.

На терен се пожарникари со возила од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локалното население. „Голема благодарност до сите кои помагаат во справувањето со овој тежок пожар, а особено до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево, со која спасивме неколку хектари вегетација по исклучително тежок терен и со ризик по нашите животи“, додаде директорот на ДЗС

Back to top button
Close