Ангелов: За време на сезоната на пожари на располагање на ДЗС најмалку 120 доброволни пожарникари

– Операционализирање на идејата секој ден во текот на летото, за време на сезоната на пожари, преку тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување да се на располагање најмалку 120 доброволни пожарникари, е договорено на денешната средба на директорот за Дирекцијата (ДЗС) Стојанче Ангелов со претставници на доброволни противпожарни друштва.

-Постигнавме договор секое Доброволно противпожарно друштво однапред да декларира одреден број доброволци кои, преку тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, ќе бидат подготвени во случај на пожар веднаш да бидат упатени на местото каде што е потребно. Исто така, разговаравме и за внатрешната организација. Целосно ја менуваме структурата. Наместо доброволците да бидат ангажирани преку локалните ограноци на Дирекцијата, тоа ќе го правиме преку наша внатрешна организација. Избравме неколку лица кои, по принцип на воена пирамида, ќе ги информираат и координираат останатите. Наједноставно кажано, доколку имаме голем пожар во Штипско, ќе се јавам на конкретен човек кој денес го договоривме и од него ќе побарам да упати одреден број доброволци на местото на пожарот. Дали тоа ќе бидат 10, 20 или 30 луѓе, тој ќе ги организира и упати. Доколку се работи за поголем пожар, ќе можам да побарам поддршка и од останатите, условно кажано, командири на овие единици во состав на тимовите за брз одговор – рече тој.

На тој начин, како што потенцира Ангелов, нашата ефикасност ќе биде значително поголема, бидејќи ќе имаме брза и едноставна комуникација и навремено внатрешно известување.

-Моја намера како директор на Дирекцијата е ова лето ангажманот на полицијата и Армијата во делот на човечките ресурси да биде сведен на минимум. Како што и досега сум кажувал во јавноста, сакаме да се потпреме на доброволците, кои во најголем дел имаат одлична обука и уште поголемо искуство, бидејќи сите тие учествувале во гасење бројни пожари на отворен простор. Ангажман на доброволни пожарникари наместо ангажман на полицијата и Армијата. Секако, во случај на големи пожари коишто ќе загрозат човечки животи и имот, на располагање ќе бидат сите капацитети на државата, вклучително и полицијата, Армијата и другите институции. Сведоци сме што се случува во околината на Солун. Треба и самите да се запрашаме што би било доколку таков пожар се развие кај нас и што ќе биде потребно за негово гасење. Една многу помоќна Грција, со значително поголеми човечки, материјално-технички ресурси, авиони и хеликоптери, со денови се бори да го стави пожарот под контрола. Нанесена е огромна материјална штета и евакуирани се многу луѓе – рече тој.

Ангелов појасни дека во негова претходна изјава за дневниците што ги добиваат доброволците мислел на тимовите за брз одговор на Дирекцијата. Потенцира дека доброволните пожарникари не добиваат никаков надомест.

-Воедно, ја користам оваа прилика да појаснам дека мојата изјава од пред неколку дена не беше доволно јасно разбрана од дел од македонската јавност, во моментот кога зборував за дневниците што ги добиваат доброволците, мислев на тимовите за брз одговор на Дирекцијата, кои се составени претежно од доброволци. Нашите доброволни пожарникари не добиваат никаков надомест од државата и се извинувам доколку некој се почувствувал засегнат. Повторувам дека зборував исклучиво за тимовите за брз одговор на Дирекцијата кои добиваат дневница. Иако најголемиот дел од доброволците не бараат никаков надомест, минатата година како Дирекција останавме должни кон дел од нив поради ограничениот буџет. Тоа ќе го регулираме во наредниот период – рече тој.

Нагласи дека треба да се почитува нивниот труд, храброст и пожртвуваност. Смета дека за секој ден поминат на терен, државата преку Дирекцијата треба да обезбеди одреден надомест за доброволните пожарникари, бидејќи, како што рече, најголемиот дел од нив имаат свои работни места или приватни бизниси и со учеството во интервенции губат приходи.

-Мојот став е јасен. Иако тие не бараат, доброволците во тимовите за брз одговор треба да добиваат дневници и ќе добиваат во иднина. Висината на дневницата ќе варира во зависност од околностите – рече тој.

Артан Демири од Доброволното пожарникарско друштво „Бајрам Мифтари“ од Чаир, кое има уште четири поддружници во општините Долнени, Чучер-Сандево, Арачиново и Липково, истакна дека со ресурсите со кои располага друштвото во иднина мoже да учествува во акции за гасење шумски пожари и други елементарни непогоди.

-Ние досега не сме примиле средства или какви било надоместоци. Како доброволни пожарникари не сме примиле средства од други институции. Располагаме со три возила – навално возило, камион, цистерна, комбе и друго командно возило – рече Демири.

Златко Илиев, претседател на Доброволното пожарникарско друштво од Кочани, кое постои пет години и располага со седум возила, 25 оперативни членови, нагласи дека најголемите предизвици во нивното работење се системските пропусти, финансирањето, обезбедувањето опрема, увозот на возила, увозот на опрема.

-Овде сме оданочени, плаќаме данок. И мислам дека сето тоа треба сериозно државата да се зафати и да ги отстрани сите овие препреки кои ни создаваат проблем во нашата работа. Ние немаме добиено никакви средства од Дирекцијата за заштита и спасување, излеговме со изјава и од мое лично име и од името на Друштвото и се надевам дека оваа заблуда во јавноста од сега веќе ќе биде исправена – рече Илиев.

И Александар Ангелевски, секретар на Доброволното пожарникарско друштво „Архангел“ од Битола, кое располага со девет возила и околу 40 оперативни пожирникари, истакна дека работат без пари. Потенцира дека единствено бараат финансиски средства за одржување и сервисирање на нивните возила, за набавување на опрема, за набавување на храна…

Ангелов информира дека Дирекцијата со Предлог-ребалансот на буџетот очекува значително повеќе средства за исплаќање на дневници на тимовите за брз одговор кои се составени од доброволци. Соопшти дека Собранието изгласало измени и дополнувања на Законот за заштита и спасување со кои очекува олеснување на оперативното работење ова лето. Потенцира дека старосната граница кај мажите кои можат да учествуваат во акциите на тимовите за брз одговор е зголемена од 55 на 64 години, а кај жените од 52 на 62 години.

-Ланецот на командување сега е поедноставен и во одредени итни ситуации како директор на Дирекцијата можам директно да ги ангажирам тимовите на Дирекцијата составени од доброволци без да чекам барање од градоначалникот. Тоа значително ќе ни го олесни оперативното работење на терен и тоа веќе се чувствува. Сега по пријава на пожар, јас можам директно да наредам употреба на тимовите за брз одговор – рече тој.

Во однос на состојбата со пожарите, Ангелов соопшти дека генерално секојдневно има по повеќе од десеттина пожари кои веќе стануваат сериозни

-За жал, сезоната на пожари започна порано, но одличната организација и најдобрата подготвеност на државата и благовременото прогласување на кризна состојба од страна на Владата која е во сила од 1 јули годинава, ни овозможува релативно лесно да се справиме со нив. Иако, за жал, веќе имаме видлива штета. Пожарот кој пред два дена изби во Штип беше многу тежок во борова шума, го загрозуваше градскиот водовод, односно филтер станицата. Постоеше опасност градот да остане без вода за пиење. Благодарение на храбрите пожарникари од ТППЕ Штип, поддржани од доброволци, пожарот беше изгаснат. Јас не ги потценувам пожарите, затоа што најмалиот пожар кој зафаќа површина колку едно фудбалско игралиште, за неколку часа може да се претвори во тежок за гасење, а неколку часа подоцна или наредниот ден може да биде мега пожар кој загрозува човечки живот и имоти – рече директорот на ДЗС, Ангелов.

 

Back to top button
Close