Ангелов: Жителите на селата да изораат до 10 метри околу куќите, огнот не може да се движи по земја
До 13:30 часот денеска се регистрирани вкупно 16 пожари низ државата – осум се сè уште активни, шест се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати.
Најсериозен останува пожарот на планината Готен меѓу општините Василево, Радовиш и Берово, каде постои ризик од доближување до населени места. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов апелираше до жителите да го исчистат просторот околу куќите и по можност да изорат заштитен појас, со цел да го спречат ширењето на огнот.
„Станува збор за села полни со луѓе, апелирам до жителите да исчистат околу своите куќи, нека најдат трактори, нека изораат по можност до 10 метри околу куќите. Ако местото е изорано и исчистено од ниска вегетација, огнот не може да се движи по земја. Паниката која се создава е непотребна, има голем број тимови на терен“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов и додаде дека некои села каде што има пожари се превентивно евакуирани.
Пожари се активни и во Македонска Каменица кај селото Косевица, како и во Крива Паланка кај селото Нерав. Во Македонски Брод, пожарот меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа гори веќе десет дена поради непристапниот терен. Активни пожари има и во општините Старо Нагоричане, Куманово, Желино, Прилеп и Кавадарци