Aнгеловска-Бежоска: Реформите се важен фактор за привлекувањето странски инвестиции
Реформите, вклучувајќи го и усогласувањето на нашата регулатива и практики со европските, се значаен фактор за привлекување странски директни инвестиции. А странските директни инвестиции во малите економии како нашата вообичаено се еден од двигателите на економскиот раст, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа во видеоинтервју за „Инвисо“ (организаторите на Форумот на Централна и Источна Европа, порано познати како „Еуромани“), истакнува дека најголемиот дел од странските директни инвестиции доаѓаат од ЕУ − околу две третини, вклучително и во банкарскиот систем. На овој начин, според неа, уште повеќе се зајакнува трговската и финансиската интеграција на нашата економија со европската. Речиси 80% од нашиот извоз оди во земјите на ЕУ.
Според Гувернерката, добро е што и покрај кризите и пречките во процесот на пристапување кон ЕУ, странските директни инвестиции во изминатиов период се солидни и забрзуваат надминувајќи го историскиот просек.
-Секако, имајќи ги предвид позитивните искуства на други земји од пристапувањето кон ЕУ, натамошното спроведување на реформите коишто ќе нѐ доближат до европската економија е приоритет којшто може позитивно да делува и на странските директни инвестиции. Според последниот извештај на Европската комисија, нашата земја се оценува како умерено подготвена, оцена којашто е една од повисоките во регионот на Западен Балкан, вели таа.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочува и дека изминативе неколку години Народната банка засилено работела на усогласување на домашната правна рамка во банкарската и платежната сфера со правото на Европската Унија, со што создала основа за започнување на процесот на интеграција на земјата во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), пред да пристапиме во ЕУ.
-Според анализа на Светската банка, за прекуграничното тргување со ЕУ, сега граѓаните во регионот на Западен Балкан плаќаат шестпати повеќе, додека фирмите десетпати повеќе, во однос на она што би го плаќале кога би биле дел од СЕПА. Ова ќе ја зголеми конкурентноста и ќе ги подобри врските со ЕУ, што е значајно за потенцијалот на економскиот раст и доходовната конвергенција кон ЕУ, истакнала гувернерката во интервјуто.