Ангеловски: Во моментот реакцијата на државата на евентуален кибер напад е на ниво на мртов коњ

Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски денеска информираше дека изработиле дигитален систем за пренос на класифицирани информации, кој е еден од најмодерните во регионот, со високо ниво на заштита, прв пат со употреба на крипто заштита со квантна технологија, но шест месеци се чека за акредитација од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ). Сепак, нагласи денеска Ангеловски на дебатата за реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор дека државата во делот на кибер безбедноста е на недозволиво ниско ниво.

– Во моментот реакцијата на државата на еден евентуален кибер напад е на ниво на мртов коњ, рече Ангеловски на вториот панел од денешната годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026) во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), што се одржува во Скопје.

Според директорот на ОТА, дигитализацијата на општеството не може да направиме без кибербезбедност. Актуелниот систем што го имаме, оцени тој, е благо речено анахрон, а тоа е заклучок на сите институции.

– Во делот на ОТА реформата не е шминка. Она што е реформа на безбедносниот сектор допрва ќе наиде на предизвици. Горд сум што за ОТА се согласија сите и морам да истакнам и да упатам благодарност до актуелниот состав на собраниската Комисија и до претходниот состав. Ниту едно барање и реферирање на ОТА не наишло на не одобрување односно едногласно се прифатени сите работи што ги побаруваме. Имаме перфектна соработка. Но, ни фали имплементација и ефикасност во постапување, изјави Ангеловски.

Во врска со акредитацијата, што се чека, Слаѓана Божиновска од Дирекција за безбедност на класифицирани информации, одговори дека интензивно се работи на случајот, но, како што рече, потребно е време бидејќи станува збор за комплексни процедури, но и заради можностите и капацитетите со кои работат.

– Потребно е време, технички можности и во моментот интензивно се работи. Се прегледува потребната документација што е пропишана и во законот и воопшто во работата со класифицирани информации. Тоа е сегмент каде одередени работи што се пропишани нема маневри, изјави Божиновска. Додаде дека е факт оти техничкиот момент околу мерењето на зрачењето не е во нивна можност, но, истакна, постојат решенија, во соработка со партнерски служби во регионот и тоа да се оствари.

Инаку, Ангеловски информираше дека оваа апликација е направена заедно со десет институции во државата и со неа, како што рече, е невозможно да се згреши и целата комуникација со институциите, меѓу кои и со судовите, е документирана.

– Направено е нешто во кое не можеш да направиш грешка, не можеш да цитираш погрешен закон, не можеш да пробиеш рокови, не може да истече податок. Во моментов имаме систем на кој му фалат уште гулаби – писмоноши, рече тој.

На прашањето дали може ОТА да пресретне комунникација на вибер или на ватс ап, Ангеловски потенцира дека тоа е законска должност на Агенцијата да овозможи секаков вид на следење на комуникација.

А во практична смисла, праша модераторот, директорот на ОТА одговори дека сигурно не очекува да му одговори.

 

Back to top button
Close