Англиски туристи со куче десет часа барале сместување оти миленичињата не се добредојдени во Охрид!

Оние кои имаат домашно милениче куче, кое сакаат да го понесат со себе на летување во Охрид, добро знаат дека тоа е речиси невозможна мисија во нашиот езерски бисер. Речиси во сите хотели, апартмани, па дури и приватните куќи кои нудат сместување, при самото спомнување на зборот куче, реакцијата е слична, како да си прашал дали може да донесеш слон, пишува Фокус.

Отсечно -Не, тоа е одговорот кој ги остава во неверување љубителите на кучиња.
На страницата на Букинг, каде се рекламираат најголем дел од сместувачките капацитети, речиси секаде е наведено дека миленичињата не се добредојдени. Зошто е тоа така, со оглед што станува збор за кучиња чувани во домашни услови, со стекнати хигиенски навики, повеќето хотелиери дури и немаат некој прецизен одговор.

Дел од екипата на ,,Фокус“ деновиве на самото место се увери во фобијата од кучиња на која наидовме во Охрид. На претходно направена резервација на апартман, при самиот влез, сопственикот веднаш се изјасни – Штом сте со куче, нема да може. Неважно дали се работи за мала раса, со едвај три килограми, во моите апартмани никогаш ниту влегло, ниту пак ќе влезе куче или било какво животно! Чисто така, од принцип – беше неговиот одговор кој не остави во неверување.

И низа на други хотели, па дури и оние со повеќе ѕвезди се изјаснија дека не примаат гости со кучиња, без оглед на тоа што се работи за животни кои се приврзани за своите сопственици и одлично се прилагодени за живот во домашни услови.

Да се најде хотел во Охрид, каде може да се престојува со миленикот, е еден вид на предизвик за кој е потребно време и секако нерви за појаснување дека домашните миленици во многу случаи се однесуваат дури и подобро од повеќето гости кои неретко знаат да направат врева и неред.

Сепак, во познатата туристичка дестинација, иако се вистинска реткост, постојат и сопственици на хотели кои немаат проблем доколку нивните гости со себе носат куче. Во хотелот Дипломат, на неколку минути од центарот на градот, покрај наши туристи кои на летување го понеле своето куче, затекнавме и брачен пар од Лондон, Англија.
Тие со себе го носеа своето милениче, кучка стара 11 години, од која велат дека никогаш не се разделувале и ја носеле со себе на сите патувања низ Европа.
Но, она на кое наишле во Охрид, ги оставило во шок.

-Верувајте ни дека повеќе од 10 часа баравме сместување во Охрид. Никаде не не примаат со куче, нешто кое за нас е несфатливо. На прашањето зошто, добиваме нејасни одговори. Вакво нешто ни се случи само еднаш во Албанија, никаде на друго место во светот! Во Франција, Англија, Турција, секаде каде сме отишле, нашето куче кое е доста мирно по природа, било добредојдено. За среќа, веќе беше доцна во ноќта, наидовме на хотелот Дипломат, каде љубезно не примија.

Повеќе на Фокус на следниот линк.

Back to top button
Close