„Анима мунди“ бара реакција од институциите за малтретирање на штрк од група деца во Гевгелија

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ информира за случај на малтретирање и повреда на штрк од страна на група деца во Гевгелија. Повикувајќи се на сведочења од очевидци, од „Анима мунди“ велат дека постојат видеоснимки од безбедносни камери од настанот, кои потврдуваат дека се работи за свесен чин на насилство врз кревкиот и млад штрк кој завршил со сериозни повреди.

„Овој настан не смее да помине незабележано, ниту неказнето. Насилството врз животните мора јасно да се препознае и третира како психопатологија и сериозна социјална девијација. Децата кои извршиле ваков чин се жртви на општествената незаинтересираност и игноранција, но и потенцијален ризик за себеси и околината доколку не бидат веднаш опфатени со психолошка и воспитна интервенција“,велат од „Анима мунди“.

Здружението бара итна реакција од надлежните институции, истрага и одговорност од родителите или старателите на децата, психолошка проценка и работа со децата кои учествувале во чинот, активирање на сите законски механизми за заштита на животните и јавна осуда на настанот од образовните институции и локалната самоуправа.

„Нема оправдување за насилство, ниту пак изговор за молк. Секоја форма на насилство мора да се превенира, осуди и санкционира. Затоа што оној кој денес малтретира животно – утре ќе повреди човек“,додаваат од здружението за заштита на животните.

Back to top button
Close