Анита Ангеловска-Бежоскa: Нема ризик за нашиот платен промет од исклучувањето на руските банки од СВИФТ системот
– Во неколку наврати јасно посочивме на малата трговска и финансиска интегрираност со двете економии. Трговската размена со овие две економии учествува со само 2 отсто во вкупната трговска размена, а кај финансиските текови поврзаноста е уште помала. Поаѓајќи од овој контекст, јасно е дека ние не би имале позначајни директни ефекти, вклучително и преку санкциите коишто тековно се изрекуваат – рече Ангеловска-Бежоска.
Таа наведе неколку причини зошто не се очекуваат посериозни ефекти од санкцијата со која се предвидува исклучување на дел од банките од SWIFT платформата.
– Странските директни инвестиции од овие две економии учествуваат со само 0,5 отсто во вкупните, но не се присутни во сферата на банкарскиот систем. Во овие околности, ова е предност за нашиот банкарски систем, за разлика од други економии во нашето соседство, каде има присуство на руски банки и коишто се соочуваат со одредени потешкотии поради новонастанатата состојба. Исто така, она што е важно да се потенцира во делот на платниот промет, во основа не се исклучени сите руски банки, а исто така постојат и други алтернативни платформи коишто можат да се користат за извршување на плаќањата. Оттаму, би посочила дека не гледаме ризици за нашиот банкарски систем и погенерално за финансискиот систем, со оглед на минималните или непостоечки врски со финансиските системи на економиите на Русија и Украина – рече гувернерката.