Анкета: 51,1 отсто од Бугарите го поддржуваат влезот во ЕУ, но доколку земјава го спроведе Договорот за добрососедство
Мнозинството бугарски граѓани даваат поддршка за влезот на Северна Македонија во Европската унија, но доколку земјава го спроведе Договорот за добрососедство со Бугарија, покажуваат резултатите од анкетата, што ја спроведе „Галуп интернешнл Балкан“.
Мнозинство од 51,1 отсто од испитаниците сметаат дека Бугарија треба да ја поддржи Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но под услов Република Северна Македонија брзо да го исполни Договорот со Бугарија. Безусловна поддршка за членство даваат само 8 отсто од испитаниците, а само 6,1 отсто сметаат дека Бугарија не треба да ја поддржи земјава под какви било услови.
Во заклучоците од анкетата се наведува дека бугарските граѓани силно ја поддржуваат Северна Македонија, поддржувајќи го нејзиниот влез во ЕУ и потврдувајќи ги традиционално високите симпатии за земјата со која постои заедничка историја.
-Но, тие категорично инсистираат, пред да размислуваат околу членството на југозападнот сосед во ЕУ, прво да се регулираат односите со Скопје. Предуслов е Скопје веднаш да го исполни Договорот со Бугарија, се наведува во заклучокот од анкета, спроведена преку директни интервјуа на примерок од 808 полнолетни бугарски граѓани во периодот меѓу 29 октомври и 6 ноември годинава.
Анкетираните требале да се одлучат меѓу две прашања, кои се поблиски до нивниот став: „Најважно е Република Северна Македонија да стане членка на Европската унија, дури и да не се сосема уредени нејзините односи со Бугарија“ или „Најважно е да бидат уредени односите на Република Северна Македонија со Бугарија, а не е толку важно Република Северна Македонија да стане членка на Унијата“. На првото прашање одговориле 5,8 отсто од граѓаните, на второто 57,9 проценти