Анкета на Фајненшал тајмс: Мнозинство американски гласачи велат дека им е полошо откако Трамп е претседател

Мнозинството американски гласачи во анкета на британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ) изјавија дека им е полошо под актуелниот претседател Доналд Трамп. Истражувањето беше спроведено од 7 до 10 август од непартиската онлајн компанија Фокалдата, со седиште во Лондон, на 1.913 регистрирани гласачи.
На помалку од три месеци до среднорочните избори во ноември, повеќе од 53 отсто од американските гласачи кои учествуваа во анкетата изјавија дека нивната финансиска состојба се влошила од почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари 2025 година. Речиси 57 отсто од партиски неопределени гласачи и околу 25 отсто од републиканските гласачи рекоа во анкетата дека нивната ситуација сега е полоша.
Во истражувањето, гласачите почесто изјавуваа дека повеќе им веруваат на демократите отколку на републиканците кога станува збор за инфлацијата и трошоците за живот.
Резултатите ја нагласуваат тешката битка со која се соочуваат Трамп и Републиканската партија пред изборите во ноември поради американското јавно незадоволство од војната во Иран, која ги зголеми цените на бензинот, стоките за широка потрошувачка и задолжувањата.
Последните податоци за инфлацијата покажаа дека цените побавно пораснаа во текот на јули благодарение на неодамнешниот пад на цените на горивата.
Во моментов, инфлацијата е 3,4 отсто и е повисока отколку на крајот на мандатот на поранешниот претседател Џозеф Бајден.
Податоците покажаа дека расположението на потрошувачите падна на речиси рекордно ниско ниво, бидејќи високите цени принудија многу Американци да ги намалат трошоците.
Минатиот месец паднаа и реалните плати, покажуваат податоците на владата.
Иако Трамп нема да биде на гласачкото ливче во ноември, на среднорочните избори генерално се гледа како на референдум за раководството на актуелниот претседател.
Речиси две третини од регистрираните гласачи мислат дека економијата се движи во погрешна насока, вклучувајќи повеќе од две третини од непартиските гласачи и повеќе од една третина од републиканските гласачи.
Само секој четврти регистриран гласач во анкетата рече дека смета дека економијата оди во вистинска насока.
Анкетата на ФТ покажа дека 55 отсто од анкетираните регистрирани гласачи не го одобруваат начинот на кој Трамп ја извршува претседателската функција, од кои 20 отсто се републиканци.
Нето рејтингот на Трамп кај републиканците падна за 8 процентни поени во споредба со претходниот месец додека 64 отсто од анкетираните имале негативен став за Трамп, вклучувајќи речиси седум од 10 непартиски и околу една третина од републиканците.
Гласачите постојано ги наведуваат инфлацијата и трошоците за живот како најважни прашања со кои се соочува земјата.
Во анкетата, 44 отсто од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за демократите во ноември, додека 39 отсто рекле дека ќе ги поддржат републиканците.






