Анкета на ИРИ: Пристапувањето во ЕУ со поддршка од 79 проценти од граѓаните

– Пристапувањето во Европската унија има 79 проценти поддршка од јавноста во земјава. Сепак, процентот на оние кои сметаат дека Северна Македонија денес е поблиску до влез во ЕУ отколку во 2005 година – кога првпат доби статус на земја-кандидат, во последните три години падна од 57 на 32 проценти, покажуваат резултатите на истражувањето Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

-Одложувањата и назадувањата на процесот на пристапување на Северна Македонија во
ЕУ, неодамна поради ветото на Бугарија, се чини дека влијаат врз убеденоста на граѓаните
дека може да има напредок во пристапниот процес, вели Пол Мекарти, директор на ИРИ
за Европа. За среќа, додава тој, ова не го намали нивниот ентузијазам за потенцијално долгорочната цел за пристапување во ЕУ.

Прашани за најважниот проблем, најголемиот дел од граѓаните или 23 проценти ја наведоа
невработеноста, како и пандемијата и загриженоста за достапноста на вакцини против
КОВИД-19 која како наголем проблем ја посочиле 22 проценти од граѓаните.

Анкетата покажала дека граѓаните на Северна Македонија имаат ниска доверба во
нивните локални претставници пред изборите што се очекува да се одржат во октомври.

На прашањето дали би го поддржале градоначалникот на нивната општина за повторно да биде избран, половина од испитаниците или 53 проценти рекле дека би требало да се избере друг кандидат.

– Повеќе од една година подоцна, пандемијата сѐ уште е примарна грижа за граѓаните на
Северна Македонија, кои исто така се грижат за достапноста на вакцините и за економските
последици од ограничувањето на движењето и затворените бизниси. На локално ниво,
граѓаните можеби ќе бараат промени на претстојните избори, што ги зголемува шансите на
опозициските кандидати, рече Мекарти.

Ова национално репрезентативно истражување било спроведено во име на Центарот за
истражување на ИРИ од страна на „Брима“ – компанија за истражување на пазарот, помеѓу
4 март и 6 април 2021 година. Податоците биле собрани со повеќестепен стратификуван
примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Националниот
примерок се состои од 1.222 испитаници на возраст од 18 години и повеќе и бил дополнет
со 1.285 интервјуа за примероците во одредени општини.  Маргината на грешка за
националниот примерок е плус или минус 2,8 процентни поени на средниот опсег на нивото
на доверба од 95 проценти.

Back to top button
Close