Анкета на Пју: Трамп без поддршка од мнозинството Американци за одлуки поврзани со Русија и Украина
Повеќе од половина возрасни Американци немаат доверба дека претседателот Доналд Трамп може да донесе „мудри одлуки“ во врска со војната меѓу Русија и Украина, покажува нова анкета на Истражувачкиот центар Пју, објавена синоќа.
Резултатите од анкетата доаѓаат во пресрет на билатералната средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, закажана за денеска (во 21.30 по македонско време) во воената база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ, Алјаска. Цел на средбата е да се разговара за можен прекин на огнот во Украина, како и за пошироки прашања меѓу САД и Русија, вклучително и соработката во Арктикот.
Според анкетата на Пју, спроведена од 4 до 10 август меѓу 3.554 возрасни Американци, со маргина на грешка од 1,8 отсто, 59 отсто од испитаниците „не се премногу уверени“ или „воопшто не се уверени“ во способноста на Трамп да носи мудри одлуки за војната. Од друга страна, 40 отсто изразиле одредена доверба во неговите способности.
Анкетата открива и значителни партиски разлики. Дури 66 отсто од демократите сметаат дека САД имаат одговорност да ѝ помогнат на Украина, во споредба со 35 отсто од републиканците, што е зголемување од 23 отсто во споредба со мартовската анкета. Во однос на американската поддршка за Украина, 29 отсто од испитаниците велат дека САД не обезбедуваат доволно помош, 18 отсто сметаат дека помошта е прекумерна, додека 50 отсто веруваат дека САД имаат обврска да ѝ помогнат на Украина да се одбрани, а 47 отсто се противат на ова, пренесува Њузвик.
„Сите сакаме Русија да ја запре агресијата и војната во Украина да заврши. Но, Трамп постојано му дава победи на Владимир Путин. Средба во САД, без присуство на Украина на преговарачката маса, е токму она што го сака диктатор како Путин“, напиша на платформата Икс демократскиот конгресмен од Колорадо Џејсон Кроу.
Од друга страна, Трамп во средата на платформата Трут Соушл напиша: „Неправедните медиуми работат против мојата средба со Путин, цитирајќи отпуштени губитници и глупави луѓе како Џон Болтон, кој вели дека, иако средбата е на американска почва, ‘Путин веќе победил’. Што значи тоа? Ние победуваме во сè! Лажните вести работат прекувремено (без данок за прекувремена работа!). Дури и ако ги добиеме Москва и Ленинград бесплатно, како дел од договорот со Русија, лажните вести би рекле дека сум направил лош договор! Но, сега се фатени. Погледнете ги сите вистински вести за нивната корупција. Тие се болни и нечесни луѓе, кои веројатно ја мразат нашата земја. Но, тоа не е важно, бидејќи победуваме во сè!!! МАГА“.
На оваа тема се огласи и заменик-портпаролот на Белата куќа, Ана Кели преку изјава за Њузвик. – Претседателот Трамп беше убедливо избран од мнозинството Американци за да воспостави мир преку сила. За разлика од Џо Бајден, кој ја започна оваа брутална војна со својата некомпетентност, овој претседател има храброст да погледне секого во очи за да донесе мир – што веќе го направи шест пати, ставајќи крај на конфликтите меѓу Ерменија и Азербејџан, Демократска Република Конго и Руанда и многу други, тврди тој.
Набљудувачите истакнуваат дека исходот од средбата може да влијае врз односите на САД со сојузниците, преговарачката позиција на Киев и подготвеноста на Конгресот за идна помош за Украина. Разговорите за ставање крај на војната во Украина, која трае четврта година, често се отежнати поради различните толкувања на условите меѓу вклучените страни.
Клучни прашања за дискусија
На средбата во Анкориџ, неколку клучни концепти се очекува да бидат на масата, анализира ДПА. Линијата на фронтот меѓу украинските и руските сили се протега на над 1.200 километри, а евентуален прекин на огнот би покренал прашања за ефективно мониторирање на толку долгата граница. За разлика од линијата на фронт, линијата на контакт може да вклучува области каде што спротивставените сили се соочуваат без активни борби.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц неделава истакна дека линијата на контакт меѓу Украина и Русија не треба автоматски да се смета за трајна поделба на територијата. – Остануваме посветени на принципот дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Тековната линија на контакт треба да биде почетна точка за преговори, рече тој во средата по средбата на европските лидери со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Пред самитот, Трамп спомна можност за „размена на територии“, сугерирајќи дека Русија би можела да се повлече од некои окупирани делови на Украина во замена за контрола врз други региони што сè уште се под контрола на Киев. Руските предлози, пак, се фокусираат на целосно повлекување на Украина од делови на Донбас, каде Москва веќе контролира околу две третини од територијата. Зеленски доследно ги отфрла идеите за територијални отстапки.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја нагласи разликата меѓу „де факто“ (практична контрола) и „де јуре“ (законска признаност) на териториите. „Де факто“ значи контрола на теренот без формално признавање од други држави, додека „де јуре“ подразбира законска признаност според меѓународното право. Русија може да контролира одредени територии во пракса без Украина или нејзините сојузници да ги признаат како руски. Секоја територијална отстапка од страна на Украина би барала уставна промена.
Европските лидери го повикаа Трамп да не покренува територијални прашања на самитот. За Украина, безбедносните гаранции се сметаат за единствен начин за долгорочна заштита од руски напади, но Русија категорично се противи на присуство на европски сили на украинска почва. Безбедносните гаранции би вклучувале обврзувачки ветувања од држави или меѓународни организации за заштита на земјата од надворешни закани, слични на клаузулата за колективна одбрана на НАТО. Европските земји ветуваат силна воена поддршка за Украина во случај на договор.
Меѓународното право разликува привремен прекин на огнот (примирје) од формален договор за прекин на војната. Привремениот прекин на огнот може да биде проследен со продолжување на борбите, да се продолжи на неодредено време или да прерасне во формален договор.