Анкета на Рејтинг: Повеќе од половина од жителите на Скопје сметаат дека состојбата во градот е подобрена во последните 4 години
Граѓаните на Скопје како најголем проблем го посочуваат урбанистичкото планирање и уредување на градот, а како најголем успех пак на градот во изминатите четири години го сметаат вложувањето во инфраструктурата, реконструкцијата на улиците и булеварите како и градбата на новите мостови
Над 50 отсто од жителите на Скопје сметаат дека состојбата воглавниот град е подобрена, 43,5% сметаат дека нештата се движат во правилна насока, 45,7% од анкетираните се изјасниле дека целосно или главно имаат доверба во локалната власт.
Ова се дел од добиените резултати од анкетата што за потребите на Град Скопје, ја спроведе Агенција Рејтинг.
Истражувањето е телефонско, на репрезентативен примерок од 1 200 испитаници во периодот од 10 до 15 септември.
Во рамки на истражувањето се мереше довербата на граѓаните во локалната власт на Град Скопје, клучните проблeми со кои се соочуваат граѓаните, степенот на доверба во институцијата и градоначалникот, како и оценката за работата во поединечни области од ингеренција на градот.
На прашањето, дали работите во Град Скопје се движат во правилна или во погрешна насока, најголем процент од анкетираните односно 43,5% од испитаниците рекле дека работите се движат во правилна насока, 38,2% во погрешна, 13,5% ниту во правилна ниту во погрешна насока, додека 4,8% не дале одговор.
Во локалната власт на Град Скопје имаат доверба 45,7% од анкетираните или речиси половината кои биле анектирани. Односно, на прашањето, дали во локалната власт во Град Скопје имате доверба?, 45,7% од анкетираните се изјасниле дека целосно или главно имаат доверба, 33,2% главно немаат или воопшто немаат доверба, а 17,2 отсто ниту имаат ниту немаат доверба. Останатите 3,9% не дале конкретен одговор или одбиле да одговорат.
Многу слични се резултатите и кога станува збор за тоа колку жителите на Скопје се задоволни од работата на градоначалникот Петре Шилегов.
На ова прашање 46,3% од анкетираните рекле дека се целосно или главно задоволни од неговата работа, 29,7% рекле дека се главно или целосно незадоволни, а 19,5% проценти рекле дека ниту се ниту не се задоволни. Преостанатите 4,5% не дале одговор на ова прашање.
Граѓаните на Скопје како најголем проблем го посочуваат урбанистичкото планирање и уредување на градот, односно 19,2% го посочиле ова како прв проблем. Следи одржување на комуналната хигиена со 11,3%, инфраструктурата со 11,5% и проблемот со уличните кучиња кој како главен проблем го посочиле 8% до анкетиранитe.
Како најголем успех пак на градот во изминатите четири години анкетираните го сметаат вложувањето во инфраструктурата, реконструкцијата на улиците и булеварите како и градбата на новите мостови – 29,7% од граѓаните ова го посочиле како најголем успех на Град Скопје, а следува подобрувањето на парковите и ново зеленило со 10,5%, набавката на нови Еко автобуси за кое 9,3% рекле дека е најуспешен проект на градот. Потоа следуваат: изградбата на нови вело-патеки, уредувањето на кејот на Вардар, реконструкцијата на Универзална сала и вложувањата во Зоолошката градина и Дино паркот.
Со оглед на тоа дека завршуваат четири години од мандатот на актуелната локална власт во Град Скопје, се мереше и перцепцијата за тоа дали општата состојба во градот е подобрена во последните четири години.
Па така, 52,5% од анкетираните сметаат дека состојбата во Град Скопје во последните четири години е подобрена, 27,4% воопшто не се согласуваат или главно не се согласуваат, 16,1% ниту се согласуваат ниту не се согласуваат, а останатите не дале одговор односно не можеле да оценат.