Анкета на Ројтерс/Ипсос: Поради царините и инфлацијата, рекордно ниска поддршка за Трамп пред изборите за Конгресот


Мнозинството Американци сметаат дека политиките на претседателот Доналд Трамп придонесуваат за растот на инфлацијата, а повеќето испитаници ги посочуваат увозните царини како една од главните причини за повисоките цени, покажува истражувањето на Ројтерс/Ипсос.

Според агенцијата, загриженоста за економијата и војната со Иран придонесоа за рекордно ниска јавна поддршка за претседателот и ја ослабнаа поддршката за републиканците пред изборите на кои ќе се одлучува за контролата врз Конгресот во следните две години.

Меѓу оние што се изјасниле како републиканци, 64 проценти сметаат дека претседателската администрација сноси дел од одговорноста за поскапувањата. Истото мислење го делат 76 проценти од испитаниците без партиска определба.

Вкупно 54 проценти од анкетираните, меѓу кои и 40 проценти од републиканците, изјавија дека нивните трошоци значително се зголемиле во последната година. Според 30 проценти, трошоците пораснале малку, додека 10 проценти не забележале промена.

Меѓу приврзаниците на Републиканската партија, 57 проценти велат дека нивните трошоци растат побрзо од платите. Тоа е во спротивност со предизборните ветувања на Трамп од 2024 година дека ќе ја стави инфлацијата под контрола и ќе ги намали цените „уште од првиот ден“ од неговиот претседателски мандат, забележува Ројтерс.

Незадоволството од справувањето на администрацијата со инфлацијата изнесува 68 проценти меѓу сите испитаници и 40 проценти меѓу републиканците. Околу една четвртина од приврзаниците на Републиканската партија не ја одобруваат економската политика на Трамп. Кај испитаниците без партиска определба, тој процент изнесува 63, а кај демократите 92 проценти.

Забрзувањето на инфлацијата ги принуди Федералните резерви на САД да преминат кон зголемување на каматните стапки. Меѓу факторите што придонесуваат за поскапувањето се растот на светските цени на енергенсите по почетокот на војната со Иран и високите американски увозни царини, наведува агенцијата.

Истражувањето покажува и промени во потрошувачките навики. Околу 63 проценти од испитаниците изјавија дека поретко одат во ресторани, а 56 проценти ги намалиле трошоците за забава или за стриминг-услуги. Помал дел рекоа дека поретко возат или доцнат со плаќањето на сметките.

Просечната малопродажна цена на бензинот во САД вчера достигна 4,36 долари за галон, во споредба со 3,11 долари пред една година, покажуваат најновите податоци на Американската автомобилска асоцијација (ААА). Цената на дизелот се зголеми на 6,28 долари за галон.

Економските податоци покажуваат умерен раст на приходите по оданочувањето и приспособувањето за инфлацијата. Сепак, часовните надоместоци растат приближно со исто темпо како потрошувачките цени, што го ограничува подобрувањето на куповната моќ.

Анкетата на Ројтерс/Ипсос е спроведена онлајн во период од шест дена и заврши во понеделникот, а во неа учествуваа 4.506 полнолетни Американци.

Back to top button
Close