Анкета: Поскапувањата на цените остануваат најголем проблем за Грците
За речиси половина од Грците (48,6 отсто) поскапувањето на цените останува еден од најважните проблеми во нивното секојдневие, а шест од десет анкетирани изразуваат песимизам за ситуацијата во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на железничката несреќа кај Темпи пред повеќе од две години, во која загинаа 57 лица, мнозинството граѓани, односно 77,2 отсто одговараат негативно на прашањето дали Владата прави сè што може за целосно да ги расветли причините за трагедијата.
За ситуацијата во Газа, над шест од десет анкетирани (64,9 проценти) не се согласуваат со позициите и целокупниот став на грчката Влада.
На политичката сцена, владејачката Нова демократија е стабилна на првата позиција и според резултатите на „MRB“ за „Опен“ и според истражувањето на агенцијата „Pulse“ за телевизијата „Скај“.
И двете истражувања покажуваат дека битката за втората позиција е меѓу левичарската Курс на слобода и ПАСОК, кои имаат речиси двојно помал рејтинг од Нова демократија.
Потоа следат Грчко решение и Комунистичката партија, а СИРИЗА е на шестата позиција со рејтинг меѓу пет и шест проценти.
Истражувањето на „MRB“ за „Опен“ било спроведено од 26 до 28 мај со анкетирани 1.000 лица со право на глас, а на „Pulse“ за „Скај“ од 24 до 27 мај со вклучени 1.170 граѓани