Анкета: Седум од десет Грци ќе се вакцинираат против Ковид-19

– Речиси седум од десет Грци, односно 69 отсто од анкетираните ќе ја примат вакцината против Ковид-19, бројка која бележи нагорен тренд во споредба со изминатите месеци, според резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“, спроведено за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од оние кои веќе имаат закажан термин за вакцинација, 81 процент рекле дека сакаат вакцината да ја примат што е можно поскоро, додека пак, процесот на имунизација во земјата, 63 отсто го оценуваат (сигурно или веројатно) позитивно.

Речиси половина од анкетираните, изразуваат загриженост за мутациите на коронавирусот, а поголема е загриженоста кај оние кои веќе примиле една доза или се целосно вакцинирани.

Во однос економската ситуација во Грција, поделено е мислењето на испитаниците, односно 46 отсто смета дека во втората половина на годинава нема да има подобрување на економијата во земјата, а 45 проценти се оптимисти.

На политичката сцена, владејачката Нова демократија е со 14 отсто во предност пред опозициската СИРИЗА.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 31 мај до 2 јуни 2021 година, со учество на 1.304 граѓани со право на глас.

Back to top button
Close