Анкета: Три четвртини од граѓаните на БиХ би гласале за влез во Европската Унија

Поддршката на граѓаните за членството на Босна и Херцеговина во Европската Унија пораснала на 74,4 проценти, соопшти денеска Дирекцијата за европски интеграции на БиХ (ДЕИ).

Редовното годишно истражување било спроведено од 23 април до 13 мај со методот CATI, на примерок од 1.200 испитаници, репрезентативен за целата држава, се наведува во соопштението на ДЕИ.

Според резултатите, доколку се распише референдум за пристапување на БиХ во ЕУ, за членство би гласале 74,4 проценти од граѓаните, односно речиси три четвртини од населението.

Влезот во ЕУ би го поддржале 86,1 процент од испитаниците во Федерацијата БиХ, 54,1 процент во Република Српска и 74,7 проценти во Брчко Дистрикт.

Во споредба со минатата година, бројот на граѓани кои би гласале за влез на БиХ во ЕУ е зголемен за 4,5 проценти, додека бројот на оние што би гласале против е намален за 5,1 процент.

Истражувањето покажува дека за најголем дел од испитаниците главна причина за поддршка на членството е тоа што ЕУ се смета за гаранција за траен мир и политичка стабилност. Следуваат зголемената слобода на движење на луѓе, стоки и капитал, почитувањето на законите и прописите и унапредувањето на инфраструктурата.

Стравот од зголемување на трошоците за живот и даноците и натаму е најчеста причина за противење на членството во ЕУ и го навеле 54,3 проценти од испитаниците. Потоа следуваат иселувањето на населението, губењето на различностите и културите, прекумерната централизација и зголемената бирократија.

За испитаните граѓани на БиХ, борбата против корупцијата е најважната реформа што треба да се спроведе за подобрување на секојдневниот живот. Потоа следуваат намалувањето на даночните оптоварувања на трудот и отстранувањето на пречките за вработување, реформата на социјалниот систем, реформата на судовите и обвинителствата и реформата на јавната администрација.

Како најважна причина за интересот на ЕУ за пристапување на БиХ, испитаниците ги посочиле природните ресурси на земјата, а потоа обезбедувањето мир и стабилност, стручната и квалификувана работна сила и проширувањето на европскиот пазар.

Најголем дел од анкетираните, 50,1 процент, сметаат дека ЕУ ќе ги зацврсти внатрешните односи и ќе продолжи со политиката на проширување.

Според истражувањето, 51,2 проценти од испитаниците сметаат дека европскиот пат на БиХ нема алтернатива, а 33,9 проценти оценуваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ во рок од најмногу десет години.

Речиси половина од испитаниците сметаат дека најголема корист од членството на БиХ во ЕУ би имале младите.

Политизацијата на процесот на интеграција и натаму се смета за најголема пречка за пристапувањето на БиХ во ЕУ, а потоа следуваат неподготвеноста за промени, актуелната состојба во Унијата, недоволното разбирање на процесот и објективните пречки.

Back to top button
Close