Анкета во Бугарија: ГЕРБ со најголема поддршка, следува „Продолжуваме со промената“
Доколку сега се одржат избори во Бугарија, ГЕРБ-СДС се првата политичка сила во земјата, со 22,4 % поддршка меѓу граѓаните. „Продолжуваме со промената“ се на втора позиција со поддршка од 19,1%, а по нив е ДПС со 11,5 %, БСП има поддршка од 10,9 отсто, „Преродба“ е на петто место – со 8,4 отсто, а „Демократска Бугарија“ е со 8,3 отсто поддршка.
Ова го покажуваат податоците од националната анкета, финансирана и спроведена заедно од БТВ и „Маркет Линкс“, меѓу 1 020 полнолетни граѓани, во периодот од 30 јули до 5 август, со методите на директно, лично интервју и онлајн анкета.
Според овие податоци, шест партии би влегле во следниот состав на бугарското Народно собрание. Под прагот за влез, но блиску до границата е „Бугарски подем“ – со 3,9 отсто и „Има таков народ“ со 2,8 отсто.
Истата анкета покажува дека најголема доверба меѓу политичарите има претседателот Румен Радев, со 48 отсто, по што следуваат Бојко Борисов со 23 и Кирил Петков со 22 отсто поддршка.
Не е мал процентот на оние што се уште не одлучиле за кого ќе гласаат. Ако сега има избори, 49% велат дека сигурно ќе гласаат, 14% се двоумат, додека 13 проценти сигурно нема да го остварат правото на глас.