Анкета: Во ЕУ имаат доверба 54% од македонските граѓани

Граѓаните на Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија имаат најмала доверба во ЕУ од земјите во регионот. Највисока е довербата во Црна Гора и Албанија.

Вкупно 52 отсто од Европејците имаат доверба во ЕУ,што е највисоко ниво на доверба од 2007 година, покажува последната анкета на Евробарометар. Во земјите од Западен Балкан, кои што беа вклучени во последната пролетна анкета, довербата во ЕУ е највисока во Црна Гора и Албанија, а најниска во Србија. Во Северна Македонија – 54% од граѓанитe имаат доверба во Европската Унија, додека 42% не ѝ веруваат.

За споредба, есенскиот Евробарометар за 2024 година, покажа дека 56% од граѓаните на Северна Македонија имаат доверба во Европската Унија. Истото ниво на доверба го делеа и граѓаните на Босна и Херцеговина.

 

Каде има позитивна, а каде негативна слика?

Анкетите се спроведени во секоја земја во март и април годинава. Според резултатите, 43% од граѓаните на ЕУ продолжуваат да имаат позитивна слика за ЕУ, додека 38% имаат неутрална слика, а 18% имаат негативна слика за ЕУ, а 62% од граѓаните на ЕУ се исто така оптимисти за иднината на ЕУ.

Кога станува збор за Западен Балкан, 83% од граѓаните на Црна Гора имаат тенденција да ѝ веруваат на ЕУ, додека 17% имаат тенденција да не ѝ веруваат. Граѓаните на Албанија и Косово исто така имаат високо ниво на доверба во ЕУ – 80% и 79%.

Довербата во ЕУ е помала во Северна Македонија и Босна и Херцеговина, но сепак е над 50%. Во Северна Македонија, 54% од граѓаните велат дека имаат тенденција да ѝ веруваат на ЕУ, додека 42% имаат тенденција да не ѝ веруваат. Во Босна и Херцеговина, 58% од граѓаните имаат доверба во ЕУ, а 37% не ѝ веруваат.

Во Србија, од друга страна, само малцинство луѓе имаат доверба во ЕУ – 37%, додека 57% велат дека имаат тенденција да не ѝ веруваат, покажуваат резултатите од истражувањето коешто беше објавено на 28 мај.

 

Кој највеќе се надева на членство во ЕУ?

Кога станува збор за членството во ЕУ, ситуацијата во регионот е слична. Повеќе од 80% од граѓаните на Црна Гора и Албанија веруваат дека тоа би било добра работа.

Во Северна Македонија и БиХ, тој број е помеѓу 50% и 60%, додека во Србија, само 34% од граѓаните велат дека членството би било добра работа, додека 32% веруваат дека членството би било лоша работа.

Испитаниците од ЕУ биле запрашани дали би поддржале „проширување на ЕУ за вклучување на други земји во идните години“. Во ЕУ како целина, 54% од граѓаните ја поддржуваат оваа политика, додека 39% се против неа.

Проширувањето на ЕУ има мнозинство во поддршката во повеќето земји-членки, но мнозинството граѓани на Германија и Австрија се против него. Во двете земји, 42% од граѓаните се за проширување, додека 53% се против него.

Во Франција, 41% од граѓаните се за проширување, а 49% се против, иако бројот на противници е намален од претходниот Евробарометар.

Back to top button
Close