Анкета: За СНС би гласале 41,1 отсто, а за ССП 32,9, неопределени 9,8 отсто српски граѓани

Во Србија 93 новозаразени и четири смртни случаи, профункционираа рестораните, меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај - МИА

– Според мајското истражување на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), доколку изборите во Србија се одржат денеска, одзивот би изнесувал 69,1 отсто, а 41,1 отсто од граѓаните би гласале за новата обединета партија СНС-СПАС, јави дописникот на МИА од Белград.

За СПС на Ивица Дачиќ би гласале 6,5 отсто граѓани, за опозицијата која ја вклучува и ССП би гласале 32,9 отсто, се уште не се одлучиле за кого би гласале 9,8 проценти, а за опозицијата која би коалицирала со владејачката СНС, доколку оваа партија ги покани – ДСС, ПОКС, СРС и Заветници, би гласале 5,8 отсто. Партиите на националните малцинства имаат 3,7 отсто поддршка.

Мариника Тепиќ од опозициската ССП, според ова истражување, е најпопуларниот политичар во Србија и повеќе од милион луѓе имаат одлично мислење за неа и за она што таа го прави.

ССП соопшти дека на прашањето за односот кон Русија, Кина и Европската унија, граѓаните сметаа дека Русија има најдобар статус, речиси 70 отсто се изјасниле позитивно и само 5,4 негативно.

– ЕУ има 33,3 отсто поддршка, 35,7 проценти се против, а Кина полека се приближува кон Русија. Дури 64,6 отсто од српските граѓани имаат позитивен став кон Кина, 10,2 проценти негативен и 25,2 отсто се неутрални, се наведува во истражувањето.

На почетокот на презентацијата на резултатите, претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, праша „Кои се сличностите меѓу Белорусија и Србија?“

– Прво, и двете земји имаат парламент без опозиција и второ, во Белорусија, претседателот на таа земја, Александар Лукашенко, донесе закон во кој се кажува дека истражувањата можат да се објават само доколку ги одобри владата. Со оглед на тоа што Лукашенко е модел за овој Александар (Вучиќ, претседател на Србија) можно е наскоро и ние да добиеме таков закон. Па сè додека тоа не се случи, ќе ја користиме можноста да ви кажеме што мислат граѓаните на Србија според истражувањето направено во мај, изјави Ѓилас.

Членот на претседателството на Српската напредна партија (СНС), Зорана Михајловиќ, во реакцијата на истражувањето на ССП изјави дека довербата на граѓаните се проверува на избирачките места и рече дека „ако претседателот на ССП Драган Ѓилас верува дека има поддршка од граѓаните, тоа нема да е причина да не излезе на избори“.

– Ако навистина верувате дека сте толку супериорни и дека имате огромна поддршка од граѓаните, како што тврдите, тогаш не треба да ве интересираат туѓите истражувања или нивните резултати. Излезете на гласање, па да видиме дали навистина ја имате поддршката со која се фалите или таа е всушност минорна и затоа сте нервозни, изјави Михајловиќ.

Back to top button
Close