Јанкулоска: Борбата за правда продолжува, се надевам ќе се утврди кој го вршел прислушувањето

Откако денеска беше ослободена од вина во случајот „Тврдина“, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во објава на социјалните мрежи напиша дека борбата за правда продолжува.

Фото: „360 степени

Ако не во кривична, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето, во кое, како што вели ексминистерката, таа била една од најголемите жртви.

Вели дека е задоволна од денешната одлука на судот, кој, како што наведува, ги уважил нивните аргументи.

„Без оглед што во кривичната постапка не се утврди виновникот за масовното прислушување, што мене како една од најголемите жртви на овој монструозен чин и на моето семејство од корен ни ги промени животите и ни нанесе ненадоместлива штета, борбата за правда прододолжува и се надевам дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето“,напиша Јанкулоска на социјалната мрежа.

На почетокот од својата објава таа вели дека календарски поминала речиси една деценија, а како да поминале три животи на некој што доживеал длабока старост.

„Само семејството и релативно мал круг блиски луѓе и пријатели знаат како изгледаа овие години“,вели Јанкулоска.

Таа беше една од петтемина обвинети што останаа во „Тврдина“, случај кој се однесува на уништувањето на опрема за прислушување. Овој предмет претходно беше поврзан со оној наречен „Таргет“, а кој се однесуваше на масовното прислушување, но падна поради застарувањето на делата за кои се товареа обвинетите, меѓу кои и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Јанкулоска е единствената која доби ослободителна пресуда во „Тврдина“. Останатите четворица – Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Никола Бошковски и Валентина Симоновска судот ги прогласи за виновни и им одреди затворски казни.

Највисока казна од 14 години и шест месеци за уништувањето на опремата за прислушување доби ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е во бегство. На Никола Бошковски, вработен во УБК, кој исто така е во бегство, за истите дела, злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа, судот му одреди казна затвор од 9 години и 10 месеци. Судијата Илија Трпков, на Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, му досуди три години затвор, а Валентина Симоновска доби условна казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку во рок од пет години не направи друго кривично дело.

Според судијата Трпков, Јанкулоска не учествувала во уништувањето на опремата заедно со другите обвинети.

„Обвинетата Јанкулоска се ослободува од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува“рече судијата образлагајќи ја пресудата.

Судијата рече дека тој има личен впечаток дека присутните обвинети знаат многу повеќе за тоа што се случувало со прислушувањето, но дека не сакаат да зборуваат за тоа.

По читањето на пресудата, адвокатот и сопруг на Гордана Јанкулоска, Влато Илиевски, пред Кривичниот суд изјави дека е задоволен од пресудата и оти очекува Апелација да ја потврди.

„Од она што го слушнавме денеска од судијата, може да се заклучи дека судот ги прифати наводите на одбраната дека кај Гордана Јанкулоска не постоеле ниту умисла ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството. Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди. Понатака се надеваме дека ако не во кривична, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета што Гордана Јанкулоска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушувањето“, изјави Илиевски.

Судењето за „Таргет-Тврдина“ почна во 2017 година. Во февруари 2021 година имаше прва првостепена пресуда, кога директорот на некогашната УБК, Сашо Мијалков, доби 12 години затвор. Но веќе следната 2022 година скопскиот Апелациски суд го врати предметот на повторно судење. Тогаш предметот стоеше во фиоката на апелацискиот судија Енвер Беџети дури девет месеци. За тоа Судскиот совет му изрече само дисциплинска мерка и го казни парично. Во меѓувреме, во октомври 2023 година, со донесените измени на Кривичниот законик еден месец претходно, застари предметот „Таргет“, а со тоа му застари и делото на Мијалков.

Подоцна, судијата Енвер Беџети се најде и на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција.

Но и денешната пресуда има рок. Ако за неколку месеци не стане правосилна, и нејзе ѝ се заканува застарување.

Судијата Илија Трпков при читањето на пресудата рече дека не смеело да се дозволи да застари предметот во делот на прислушувањето, а сега не смее да се дозволи да застари и остатокот.

„Се случи упад во судската власт преку измена на Кривичниот законик, измена која доведе до застарување на дел од овој предмет, но и на други предмети. Не ми е јасно како, и по толку години демократија, тие што ги носеа и имаа влијание на законите не разбраа дека секој упад и обид за влијание во судството и судските постапки не носи ништо добро ниту за нив, ниту за граѓаните. Секогаш, без исклучок, народот го забележува тоа“рече судијата Трпков.

Тој порача дека не смее да се дозволи да застари и остатокот од предметот за уништување на опремата и дека сè уште постои шанса за барем делумно задоволување на правдата.

 

 

 

Back to top button
Close