Јанкуловски -Со договорот за повисоки плати универзитетските професори ќе бидат максимално мотивирани

Потпишувањето на Колективниот договор на Синдикатот на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија е многу значајно за нас, од причина што универзитетските професори досега се чувствуваа запоставено. Се надевам дека нивните барања на овој начин се исполнети и тие ќе бидат поттикнати и мотивирани да го дадат својот максимум во образовниот процес, стои во соопштението од ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски.

Според ректорот Јанкуловски, високото образование е една од најважните продуктивни сили во општеството и сите сме свесни дека за да можеме да функционираме на повисоко ниво, здравствено и социјално, потребно е да произведеме и висококвалитетен кадар. За да имаме добри резултати на секое поле, како што наведува, мораме и да вложуваме постојано во него.

Новиот Колективен договор ќе придонесе кон подигање на стандардот на универзитетските професори и иако сме сè уште далеку од израмнување на нашите плати со оние во соседните држави, ова е еден голем чекор напред и ќе се стремиме кон тоа да се избориме за уште подобар стандард и подобри услови. Морам да напоменам дека секое зголемување на платите на универзитетските професори ќе има голем удел и во подобрувањето на идното рангирање на Универзитетот и во поглед на натамошни објавувања на трудови со импакт-фактор, кое сега не се случува многу често, токму поради недоволно финансиски средства, се вели во соопштението.

Ректорот Јанкулоски му честита на Синдикатот на УКИМ и изразува надеж дека во иднина ќе остварат уште поголеми успеси.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, во својство на овластено лице од основачот на Универзитетот, и претседателот на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ангел Ристов вчера потпишаа колективен поединечен договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Со овој договор се уредуваат поблиску правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавачот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје кои произлегуваат од работниот однос, обемот и начинот на остварување на правата, обврските и другите прашања од интерес на работниците и работодавачот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Back to top button
Close