Анонимни извори за ЦивилМедиа откриваат можни големи промени во владата на Мицкоски: Се спрема ли милитаризација на врвот на Министерството за одбрана?
Дали се спрема првата посериозна промена во владата на Христијан Мицкоски, само 100 дена откако ја воспостави? Неофицијални извори во владата, кои побараа да останат анонимни за ЦивилМедиа, откриваат дека веќе во ноември се планира првата реконструкција во владата на Мицкоски, вклучувајќи и смена на врвот во Министерството за одбрана.
Според изворите, како најсериозен кандидат за нов министер за одбрана се споменува Драган Ковачки, кој во ноември го исполнува законскиот услов да биде носител на извршна функција во Владата. Ова наметнува едно алармантно прашање – дали е во најава милитаризација на ова министерство, имајќи предвид дека Ковачки, пред да стане пратеник во парламентот, беше активен армиски офицер со чин полковник.
Доколку се случи, назначувањето на Ковачки на највисоката функција во Министерството за одбрана ќе значи напуштање на демократската пракса за цивилна контрола врз вооружените сили, што е невообичаено, без оглед на тоа што законското ограничување веќе не важи. Тоа ќе претставува преседан во една земја членка на НАТО, воено политички сојуз каде што највисоката функција генерален секретар ја извршува цивилно лице, додека воените лица се тие што командуваат со оружените сили.
Што ќе се случи со актуелниот министер Владо Мисајловски? Според засега непотврдените информации од нашите извори, актуелниот министер Мисајловски ќе биде назначен за амбасадор во ООН на местото на проф. д-р Љубомир Фрчкоски. Испаѓа дека тој само ја греел министерската фотелја на својот партиски колега, додека истече законскиот рок на забраната за униформирани лица да извршуваат владини функции. Ако се сеќавате, Ковачки беше понуден како министер за внатрешни работи во преодната (пржинска) влада пред парламентарните избори во мај, што на крајот не се случи, меѓу другото, и заради законските пречки, па беше назначен адвокатот на Мицкоски, Панче Тошковски.
…