Јанша изјави дека Словенија од сега „ќе го држи својот збор“ во НАТО

Словенија од сега ќе го држи својот збор во НАТО, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша, по повод процените дека тие се единствената земја членка која годинава се наоѓа под границата од два отсто од БДП во однос на инвестициите во одбраната, јави Анадолија.
– Ова е прв самит на НАТО во мојот живот и првпат Словенија е во позиција малку да ја наведне главата. Не толку поради бројките, туку главно поради прекршените ветувања – рече Јанша по пристигнувањето на вториот ден од самитот на НАТО во Анкара, коментирајќи ги процените за потрошувачката на земјите членки за основните одбранбени потреби објавени во вторникот.
– Првото нешто што ќе го ветиме е дека ќе го одржиме зборот и дека ќе го направиме она што го кажуваме – истакна тој по пристигнувањето на вториот ден од состанокот на лидерите на алијансата.
Тој исто така нагласи дека нема да „мамат“, како што според него правела претходната влада, прикажувајќи одредени ставки како одбранбени трошоци иако тие не припаѓале таму. Според Јанша, годинава нема да биде исполнето сè што вети владата на Роберт Голоб, бидејќи државата има и други приоритети.
Покрај тоа, Словенија, како што рече, се соочува со проблеми во јавните финансии, а владата има тешкотии и со подготовката на амандманите за буџетот поради неизвесноста околу можниот референдум за Законот за интервенција за развој на Словенија. Како што објасни тој, без информации за тоа дали Уставниот суд ќе дозволи референдум за законот кој би можел да има големи финансиски импликации, невозможно е да се планира буџетската година ниту пак таа да се менува.
Поради тоа, тој го повика Уставниот суд да донесе одлука за иницијативата за референдум, каква и да е таа одлука.
– Тие се независни во тоа како одлучуваат, но не се независни во тоа кога одлучуваат. И државата стои во место поради тоа. Ние не можеме да го решиме овој проблем со трошоците за одбрана сè додека немаме јасна слика – додаде тој.
Според процените на алијансата објавени вчера, Словенија годинава ќе биде единствената членка на НАТО која ќе издвои помалку од два отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за основните потреби за одбрана. Од НАТО исто така наведоа дека новата словенечка влада се обврзала да ги исполни обврските преземени на минатогодишниот самит во Хаг, кога лидерите се договорија да ги зголемат буџетските расходи за одбрана и безбедност на пет отсто од БДП до 2035 година. Од нив, земјите ќе издвојуваат 3,5 отсто за основните одбранбени потреби, а 1,5 отсто за останатите инвестиции поврзани со безбедноста и одбраната. Тие додадоа и дека Словенија по самитот во Анкара ќе подготви кредибилен национален план, според кој уште годинава ќе ги надмине тие два отсто од БДП за основните одбранбени потреби, а до 2035 година ќе достигне 3,5 отсто од БДП.
Јанша не сакаше да зборува за конкретни планови и нагласи дека веќе дадените ветувања ќе биде потешко да се исполнат, меѓу другото и затоа што владата на Голоб одлучи да се откаже од купувањето на оклопните возила на осум тркала „Боксер“ (Boxer) кога ја презеде должноста пред четири години. Овие оклопни возила во меѓувреме поскапеа поради глобалната ситуација и, според словенечкиот премиер, сега се практично двојно поскапи.
На прашањето дали новата влада ќе продолжи со планираното купување на оклопните возила „Патриа“ (Patria), тој објасни дека неговите претходници сè уште немале донесено одлука за тоа.
– Процедурите мора да продолжат таму каде што беа прекинати пред четири години – изјави тој.
Јанша додаде дека сè уште не знае каков ќе биде конечниот избор и какви ќе бидат опциите за финансирање или кредитирање, што ќе биде неопходно со оглед на состојбата со јавните финансии.






