Јанша со писмо ги повика граѓаните да се вакцинираат

Словенија ја засилува кампањата за вакцинација против Ковид-19, така што вакцината ќе биде достапна и во скијачките центри, а сите граѓани добија писмо од премиерот во кое ги повикува да се вакцинираат.

„Да бидеме слободни, но и одговорни, солидарни. Вакцинираме затоа што е време да се поврземе и да бидеме заедно во оваа битка со Ковид-19“, се вели во писмото на премиерот Јанша што го добиле граѓаните во поштенските сандачиња.

Словенечкиот премиер есента најави можност за воведување задолжителна вакцинација, што беше контрапродуктивно, а таквиот план го оспори и Уставниот суд, па сега посочува дека вакцинацијата е доброволна, но и општествено одговорна и многу посакувана одлука за сите.

За да ја покаже важноста на вакцинацијата како најдобра заштита, особено поради веројатниот нов бран на омикрон на почетокот на следната година, министерот за здравство Јанез Поклукар беше вакциниран со бустер доза во неделата, истакнувајќи дека сите во неговото семејство, вклучително и децата, биле вакцинирани.

Акцијата „Денови на вакцинација“ се одвива низ земјава под мотото „Да влеземе здрави и сигурни во новата година“ и ќе трае до Бадник.

Отворени се 62 центри за вакцинација кои ќе работат цел ден, а по еден центар во секој регион и ноќе. Вакцинација вршат и мобилните единици со помош на Црвениот крст, противпожарните единици и цивилната заштита.

Заинтересираните ќе можат да се вакцинираат и на станиците на ски-лифтовите, во ловџиските домови, планинарските куќи, трговските центри и кината.

Според официјалните податоци, во Словенија со потребните дози вакцина се заштитени 56 отсто од целото население, 66 отсто од возрасните и 76 отсто од лицата постари од 50 години.

Бустер дозата, која обезбедува поефикасна заштита од варијантата омикрон во споредба со основната вакцинација, досега ја примиле нешто повеќе од 376.000 луѓе.

Иако четвртиот бран на епидемијата малку се смирува, епидемиолошката состојба во Словенија се’ уште е тешка.

 

 

Back to top button
Close