Антикорупционерка под лупа: Два предмети за Цвета Ристовска

Државната комисија за спречување на корупција отвори два предмети за антикорупционерката Цвета Ристовска, која што, според опозицијата, го кочи процесуирањето на пријавите против власта.

Како што дознава Телма, се работи за проверка на судир на интереси и за непријавување на имот.

Во првиот случај се работи за тоа дека фирма на еден од синовите на Ристовска добивала пари во кампања за претседателските избори во 2024 година. За вториот случај е дека таа не пријавила дека и двајцата синови и имаат маркетинг фирми во нејзиниот анкетен лист.

Првиот случај вчера го објави Телма. Во јавно достапни документи се гледа дека фирмата на синот на Ристовска, Буст Дооел добила по 35 илјади евра од кампањата на претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Дафкова од ВМРО ДПМНЕ. Симптоматично е тоа што токму рекламирањето и финансирањето на кампањите меѓу другите институции го проверува и Антикорупциската комисија. Истата фирма добила пари и за локалните избори во 2021 година од СДСМ, додека тогаш Ристовска била помошник државен ревизор.

Вториот случај го објави партијата Левица, која откри дека Ристовска не ги пријавила фирмите на своите деца во нејзиниот анкетен лист.

Back to top button
Close