Антикорупциска отвора предмет за куќата на тештата на Даштевски на Халкидики
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмет за куќата на тештата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, купена пред половина година на Халкидики во Грција, процес во кој активно учествувал и го заокружил токму Даштевски, пишува 360 Степени.
Случајот вчера го отвори „360 степени“.
Од Антикорупциска се повикуваат на членот 96 од Законот за спречување на корупцијата, за кој велат дека им дава можност да го проверат случајот. Членот гласи:
„Доколку постојат докази дека член на семејството или блиско лице на службеното лице, се стекнал со значителен имот за време на вршење на јавните овластувања, односно должности на службеното лице, кој ги надминува неговите редовни примања, а постои основано сомневање дека службеното лице со намера да го прикрие потеклото на имотот префрлил имот на тој член на семејството, односно блиско лице, Државната комисија ќе иницира покренување на постапка за испитување на основот на стекнување на имотот на тој член, односно блиско лице“.
Член 96 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси
Даштевски беше избран за претседател на ДИК во јануари 2021 година на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДКСК повторно ја истакнуваат и потребата од најитно донесување закон за потекло на имот, за кој постојат нацрт-решенија, но сè уште не е донесен.
…