Антикорупциска отвори предмет за Лотарија и парите за прослава на независноста

Државната комисија за спречување корупција по сопствена иницијатива донесе заклучок да оформи предмет по допрен глас за начинот на кој беше финансирана прославата на 35-години независност на Македонија од страна на Државна Лотарија, одговорија оттаму за „Слободен печат“. Инаку, според досега утврдената пракса, кога Антикорупциска ќе отвори предмет, него вообичаено не го работи Јавното Обвинителство додека не заврши постапката во Антикорупциска. Опозицијата веќе трети ден бара од овие институции да го испитаат работењето за организирањето на прославата, во недостиг на официјални документи од Државна Лотарија за тоа како парите биле поделени по ставки, колку добил секој изведувач, за што на прес-конференција беше кажано дека ќе остане скриен податок поради клаузули за доверливост во договорите меѓу фирмата „Стардаст“ организатор на настанот и големите светски ѕвезди.

Во рамките на оваа иницијатива, како што посочуваат од Антикорупциска, ќе биде испитано и прашањето за членот на надворешната комисија која ја извршила евалуацијата на програмата за настаните. Програмата на стотина страници која била доставена од страна на фирмата „Стардаст“ која ги доби средствата за организирање на настаните, вклучително и за централниот настан – спектакуларниот и богат настап на светски познатиот диџеј Дејвид Гета стигнала на евалуација пред тричлена комисија -претседател на комисијата Николче Мицевски и двајцата членови Зоран Стефановски и Веселин Теохаров.

Имено, претседателот на Комисијата која ја извршила евалуацијата Николче Мицевски, подоцна се јавува како автор на оркестрациите на Хосе Карерас, чиј концерт беше дел од програмата. „Слободен печат“ праша во Антикорупциската комисија, дали тоа што претседателот Мицевски подоцна учествувал во програмата што ја избрал и била единствена што стигнала на јавниот повик, претставува судир на интереси. Инаку Мицевски е автор и аранжер на музиката на албумот „Извор“ на Каролина Гочева која пак се поврзува со Авалон продукција.

Во рамките на предметот ќе бидат проверени наводите во Вашето прашање, одговориле од ДКСК за Слободен печат..

По утврдувањето на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница.

Дополнително, „Слободен печат“ го актуелизираше логичното прашање – кога организаторот постигнал да го резервира Дејвид Гета, ако од моментот на завршувањето на јавниот повик, до денот кога Гета беше најавен поминаа 3 дена од кои два се сабота и недела.

Дополнително, неодговорено останува дали Собранието на акционери на Државна Лотарија донело одлука да се спонзорираат 4,8 милиони евра од нераспределената добивка од 2024 година како што бара Законот за трговски друштва, или без таква одлука, по укажување од владина седница – ги дало парите.

повеќе

Back to top button
Close