Антикризни мерки: Ефикасна помош или ефективен популизам

Поддршката е добредојдена, но се стравува дека секојдневниот раст на цените може брзо да го анулира ефектот на антикризните мерки.

Ефикасна помош или повторување на мерки од периодот на ковид-пандемијата, со задоцнети решенија и промоција на популизам? Ова е прашањето кое се анализира во јавноста по новиот сет на мерки за справување соенергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра, што вчера (9.10) го промовираше премиерот Ковачевски.

„Вакви пакети се повторуваат веќе три години со ковид-пандемијата и веќе се научивме на кој начин владата ги изработува и презентира секогаш, ми се чини без потреба, со голема доза на популизам“, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Според него, расфрлањето со големи износи од 350 милиони евра е нешто што тешко може да се провери дали е точно. Особено што Владата со ребалансот на буџетот вети дека ќе се кратат непродуктивните трошоци, и со заштеда на 200 милиони евра ќе се менаџираат со последиците од економска и енергетска криза, но нема отчет дали и колку е заштедено.

 

Поддршка за најранливите категории

Од Владата уверуваат дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза.

„Верувам дека сите заедно ќе ја пребродиме зимата и оваа најтешка, најголема криза досега. Да ја пребродиме затоа што знам дека напролет ќе биде подобро од она што нѐ очекува во наредните неколку месеци од зимата. Ние се наоѓаме во тежок период во кој што нема простор за изобилие, туку има простор за солидарност и поддршка на оние кои што се најранливи категории во општеството“, рече премиерот.

Со усвоените таргетирани мерки се обезбедени по 3.000 денари месечно во наредните 4 месеци или вкупно 12.000 денари за речиси 42.000 граѓани. Во оваа категорија спаѓаат лица кои користат право на социјална сигурност, право на надоместок заради попреченост, родители на деца со попреченост до 26-годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лица со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на гарантирана минимална помош, невработени лица, односно стечајни работници. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра. Вкупно 6.000 денари или по 1.500 денари во наредните 4 месеци ќе добиваат над 91.600 пензионери кои земаат до 11.525 денари пензија, а поддршка од вкупно 3.000 денари ќе добијат над 66.000 пензионери кои земаат пензија од 11.525-14.000 денари. За оваа мерка се издвоени над 12,2 милиони евра.

Поддршката е добредојдена за посочените категории, но присутни се стравувањата дека секојдневниот раст на цените може брзо да го анулира ефектот на мерките, бидејќи тоа што е вредност на потрошувачката кошничка денес – утре веќе не е.

ЕСМ ќе мора да произведува повеќе

„Енергенси, струја, но и парно во Северна Македонија мора да има“, порача премиерот, најавувајќи дека со мерките е обезбедена поддршка на јавни, образовни и здравствени установи.

Во мерките се вклучени 365 основни и 109 средни училишта на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, за што се одвоени над еден милион евра, а се овозможува и снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ по цена поповолна од пазарната.

Но, со оглед дека се зголемува бројот на потрошувачи на електрична енергија на регулираниот пазар, се отвора прашaњето дали универзалниот снабдувач има капацитет да одговори на потребите.

Од Владата уверуваат дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од економско-енергетската кризаОд Владата уверуваат дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза

Од Владата уверуваат дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од економско-енергетската кризаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ако се види кои се потребите на универзалниот снабдувач во последните неколку години и колку енергија произведува ЕСМ, ќе се види дека има доволно енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Но, овде има еден проблем, а тоа е што има најави кај универзалниот снабдувач да се вратат одредени потрошувачи кои ќе ги зголемат потребите на универзалниот снабдувач, а тоа значи дека ЕСМ ќе мора да произведува повеќе од она што има произведено во последните три години. Затоа, ќе повторам уште еднаш, тоа ќе биде вистински предизвик“, вели за МИА Александар Дединец, експерт од МАНУ за областа на енергетиката и животната средина.

Во меѓувреме, според премиерот, се разговара и за таргетирани мерки во однос на индустриите кои што произведуваат основни прехранбени производи. Целта на овие мерки е да се интервенира како помош во енергенсите и електричната енергија што тие ја користат, но под услов да дојде до намалување на цената на основни производи што тие ги произведуваат.

 

А работниците?

Засега со сетот мерки се опфатени микро, малите и средни компании. Проширен е опсегот на компании кои се корисници на кредитно-гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање за обезбедување на обртни средства, за што се предвидени околу 5 милиони евра. Обезбедена е директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва и занаетчии; забрзан и зголемен поврат на ДДВ со помалку од 30 дена, за што се одвоени вкупно скоро 160 милиони евра; обезбедена консултантска поддршка за изработка на проекти за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел полесен пристап до капитал; кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со структура на финансирање 60%-40%, за што се одвоени 10 милиони евра.

ССМ ги анализира антикризните мерки и ќе го изнесе својот став на седницата на Економско-социјалниот совет ССМ ги анализира антикризните мерки и ќе го изнесе својот став на седницата на Економско-социјалниот совет

ССМ ги анализира антикризните мерки и ќе го изнесе својот став на седницата на Економско-социјалниот советФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, Сојузот на синдикатите е незадоволен што со мерките не се опфатени над 100 илјади вработени кои земаат минимална плата од 18 илјади денари. Оттаму најавуваат дека ги анализираат антикризните мерки и ќе го изнесат нивниот став на седницата на Економско-социјалниот совет во среда. ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на антикризните мерки со замрзнување на маржата кај определени продукти, и нивно проширување за повеќе прехранбени продукти, бесплатен градски превоз до и од работа, да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (50.224 денари).

Back to top button
Close