Антимон од Луке за САД: инвестиција со потенцијал или ризик?

Инвестицијата за рудник за антимон во Крива Паланка предизвика реакции. Градоначалникот Сашко Митовски бара гаранции дека ќе се заштити здравјето на граѓаните. „Не е време за референдум“, порача тој.

Стратешката инвестиција, која на 7 април ја најави премиерот Христијан Мицкоски, за експлоатација на рудата антимон во близина на кривопаланечкото село Луке, предизвика низа реакции во јавноста. Станува збор за редок минерал, кој според најавите треба да се извезува во Соединетите Американски Држави (САД). Поради стравувањата дека ископот на антимон може да носи сериозни ризици по здравјето на луѓето и животната средина, опозицискиот СДСМ бара граѓаните на Крива Паланка да го имаат последниот збор преку локален референдум.

 

Инвестиција условена со строги еколошки критериуми

Од друга страна, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, смета дека во регион кој традиционално живее и се развива од рударството, ваквата инвестиција може да претставува можност за економско заживување на градот.

„Оваа инвестиција треба сериозно да се разгледа, со темелна анализа на сите можни последици и придобивки. Доколку се потврди дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта на антимон во светот, тоа може да отвори значајни перспективи за економски развој на Крива Паланка“, изјави Митовски за ДВ.

Според него, локалната економија има сериозна потреба од ваков вид инвестиции, особено во услови кога економскиот развој на градот е директно поврзан со рударскиот сектор. Сепак, како што нагласува, обврска на локалната власт е истовремено да ја заштити животната средина и јавното здравје.

„Тука нема дилеми – ваквата инвестиција мора да биде условена со строги еколошки критериуми и примена на највисоки стандарди за заштита на здравјето на граѓаните“, вели Митовски, најавувајќи дека ќе бара конкретни гаранции од инвеститорите.

Тој посочува дека засега нема доволно информации за процесот на производство и за технологијата што ќе се користи. „Ова, во овој момент, не е прашање за референдум. Најпрво мора да се добијат детални информации и јавно да се презентира стратешкиот проект, за да може да се донесе информирана одлука“, вели градоначалникот и додава: „Она што можам да го гарантирам е дека, како прв човек на градот, доколку има какви било штети по животната средина или по здравјето на граѓаните, секогаш ќе застанам на нивна страна“.

 

Филипче: Клучно е што мислат граѓаните на Крива Паланка

Ваквата реакција на градоначалникот следи откако неговата матична партија, СДСМ, побара локален референдум за проектот за рудник за антимон. „Клучно прашање околу најавениот рудник за антимон во регионот Луке е дали проектот има поддршка од жителите на Крива Паланка“, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

На прес-конференција викендов тој рече дека доколку граѓаните го поддржат проектот за рудник за антимон, СДСМ нема да има забелешки. Во спротивно, како што рече, партијата ќе застане на страната на граѓаните. „Ако граѓаните на Крива Паланка и регионот го одобруваат проектот – нема проблем. Но, ако не го одобруваат, тогаш јас и СДСМ целосно застануваме зад нив“, додаде Филипче, нагласувајќи дека евентуалното собирање потписи ќе зависи од реакциите и барањата на локалното население.

Одговарајќи на новинарско прашање за можноста од референдум, Филипче оцени дека е позитивно доколку постои комуникација меѓу централната и локалната власт, но нагласи дека тоа не е доволно. „Добро е да се комуницира и да има соработка меѓу централната и локалната власт, но клучно е дали ставовите се темелат на тоа што го кажуваат граѓаните на Крива Паланка“, изјави Филипче.

Мицкоски: Проектот е дел од стратешкото партнерство со САД

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано и секој има право да го побара, но дека го изненадува ставот на СДСМ, имајќи предвид дека градоначалникот на Крива Паланка има поинакво мислење од раководството на партијата.

Според Мицкоски, станува збор за стратешка инвестиција, дел од соработката меѓу Македонија и САД, која е делумно финансирана од американска страна. „Честопати комуницирав со градоначалникот, вклучително и денеска, и можев да се уверам дека неговиот став е сосема поинаков. Овој проект е дел од нашата соработка со САД, мора целосно да ги исполни законите и Уставот на Македонија. За тоа гарантирам јас, но и инвеститорите“, изјави Мицкоски.

 

Тој додаде дека проектот е од стратешко значење и за државата и за локалното население, имајќи го предвид економскиот бенефит.

 

Антимонот од Луке ќе се извезува во САД

Плановите се експлоатираниот антимон од рудникот во кривопаланечкото село Луке ќе се извезува во САД, каде што ќе се преработува во топилница што ќе се гради во сојузната држава Оклахома.

Од СДСМ сметаат дека е неопходна широка јавна дебата со учество на експерти и локалното население, пред носење каква било одлука за рудникот за антимон во Крива Паланка.

„Старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон. Не сме против инвестиции, но не може развојот да се темели на висок ризик по здравјето на граѓаните и животната средина“, порачаа од СДСМ.

Минералот антимон е ретка суровина која најчесто се користи во индустријата и технологијата, при производство на батерии, огноотпорни материјали и легури.

(dw)

Back to top button
Close