Антолог ја објави “Воините на загубената плима” од Кетрин Дојл

Магична книга на многу начини

Издавачката куќа Антолог од Скопје со големо задоволство соопштува дека во рамките на проектот СОЗДАДЕНО ВО ЕВРОПА: МОЌТА НА РАЗЛИЧНОСТА ја објави книгата:„ВОИНИТЕ НА ЗАГУБЕНАТА ПЛИМА“ ОД КЕТРИН ДОЈЛ

Вториот дел од прекрасната трилогија за тинејџери напишана со многу фантазија е љубовно писмо упатено кон ирскиот фолклор, исполнето со длабоко вкоренета магична историја што се распространува низ целата книга.

Фион Бојл е Чувар на бурата на Аранмор помалку од шест месеци кога илјадници застрашувачки Ловци на души пристигнуваат на островот. Следбениците на лошата волшебничка Мориган се дојдени за да ја воскреснат нивната водачка, а Фион нема моќ да ги запре. Магијата на Чуварот на бурата го има напуштено, а бидејќи сеќавањето на дедо му се намалува, Фион мора да се потпре на своите пријатели Шелби и Сем во повикувањето на војската од сирени.

Но, никој друг не верува дека страшните морски суштества воопшто постојат. А како тој може да докаже дека е во право кога ја нема сопствената магија? Додека Фион ја почнува потрагата по загубената војска, другите островјани се подготвуваат за инвазијата на Ловците на души. Борбата за спас на Аранмор тукушто почна.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Кетрин Дојл израснала покрај Атлантскиот Океан во западна Ирска. Нејзината љубов кон читањето почнала со големите ирски митови и легенди, кои ѝ ја поттикнале амбицијата еден ден и таа да напише книга во која ќе биде искористено нивното богатство.

Дипломирала психологија, а магистрирала издаваштво на Националниот универзитет на Ирска. Инспирацијата за серијалот „Островот на Чуварот на бурата“ ја пронаоѓа во домот на нејзините предци на островот Аранмор, каде што пораснале нејзините баба и дедо. Кетрин Дојл живее во Голвеј, но често престојува во Лондон и во САД.

Владимир Јанковски (1977) е прозаист и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Објавил три романи, две книги со фотоесеи (во соработка во фотографот Иван Блажев) и две книги разговори со Влада Урошевиќ. За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Во 2022 година од Македонската асоцијација на издавачи ја добива наградата „Автор на годината“. На македонски јазик превел книги од Маргарет Атвуд, Дубравка Угрешиќ, Горан Трибусон, Чарлс Буковски, Зоран Фериќ, Ден Роудс, Милош Црњански, Филип К. Дик, Кетрин Дојл и други.

„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.

Back to top button
Close